• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Планинската спасителна служба доби возила и специјална опрема за спасување преку проект од ЕУ

Планинската спасителна служба доби возила и специјална опрема за спасување преку проект од ЕУ

Регионот кој опфаќа неколку општини од нашата земја и од Албанија добива можност да развива безбеден зимски туризам. За да остане одржлива спасителната служба потребно е општините да го испочитуваат меморандумот за соработка за финансиска поддршка на спасителите кои сега работат волонтерски.

 |  Валентина Неловска  | 

Презентирани возила и специјализирана опрема за спасување во зимски услови од проектот „Нови можности за безбеден зимски авантуристички туризам“. Проектот е финансиран од Европската Унија, преку ИПА2 Програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија и Министерството за Локална Самоуправа, а го спроведуваат Црвен крст Охрид, општините Дебрца и Грамш од Албанија и Алпинистичкиот Клуб Патагонија од Охрид.

Сашо Точков, претседателот на Црвен крст Охрид, во чии рамки функционира Плананинската спасителна служба напомена дека со функционирањето на модерниот оперативен центар за спасување станува реалност нивниот 15 годишен сон, да работат професионални спасители по воспоставен систем и стандарди на планина и непристапни терени. Овој проект потврди дека ЦК ги поддржува храбрите волонтери и членови да ги развиваат своите хумани идеи. Точков ги повика општините во регионот да го испочитуваат меморандумот за соработка кој го потпишаа за одржливост на Планинската спасителната служба.

Аплираме и сакаме да веруваме дека носителите на одлуки во општинските Совети во регионот, ќе соберат сила и храброст да се ослободат од партиските стеги и при носење на одлуките во Советите кои се однесуваат на делување на Планинската служба при ЦК Охрид ќе имаат во предвид дека нашата работа е транспарентна, неполитична , хумана во интерес на граѓаните поврзана со спасување на човечките животи“.

Дејвид Гир, ЕУ Амбасадор во земјава им оддаде признание на ПСС и Црвен Крст Охрид за, како што рече, нивната исклучително важна работа, посветеност и храброст. Посочи дека ова е втор проект со кој се проширува мрежата на дејствување на спасителни тимови на регион кој ги опфаќа општините Охрид, Струга, Дебрца, Вевчани, Ресен од Македонска страна и Поградец, Пустец и Грамш од Албанска страна.

„ Потребна е финансиска поддршка на центарот за спасување на планина како и вклученост на општините и ресорните министерства за да може службата да продолжи да функционира за бенефит на локалното население во регионот. Спасителната мрежа ќе помогне во промоцијата на регионот како безбедна дестинација и ќе ја зголеми конкурентноста на туристичкиот пазар. “

Горан Милевски, Министер за Локална Самоуправа на Македонија, напомена дека Владата има намера да се развива авантуристичкиот и алтернативниот туризам, но и сите други видови туризам во текот на 365 дена во годината. Милески укажа дека е задоволен што се искористени средства за да се има безбеден туризам во регионот, а упати благодарност до волонтерите од спасителната служба за нивната хумана работа. Потсети дека може да аплицираат за финансиска поддршка на нивната служба која има големо значење за регионот.

Црвениот крст и АК Патагонија да ги користат сите програми кои ги има Министерството за Локална Самоупава.Со новите измени на Законот со новата програма овозможивме покрај општините, сега во Министерството да аплицираат и НВО, Државни и Јавни претпријатија, го проширивме кругот на можни апликанти на нашите програми. Ве охрабрувам да аплицирате со добар проект.Сакам од срце да продоложиме да ја финансираме вашата работа која е хуманистичка“.

Зоран Ногачески градоначалник на општина Дебрца изрази благодарност што и нивната општина е дел од проектот за прекугранична соработка.

„Дебрца со планинските масиви Славеј Планина , Караорман,Стогово, Мазатар, Илинска планина е природно предодредена за развој на планинскиот и зимскиот туризам. Овој проект кој што се реализира е дело на нашата визија Дебрца да прерасне во развиена туристичка дестинација“.

Овој проект ќе ја прошири постојната спсителна мрежа со уште два тима , во Дебрца и Грамш, ќе ја зајакне оперативно ПСС за дејствување во зимски услови, опфаќа и трејл патека на Галичица и планинарски дом во Дебрца.
На настанот беа присутни и Константин Георгиевски, градоначалник на општина Охрид и Клодијан Таче, градоначалник на општина Грамш од Република Албанија.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top