Петиција Охрид да добие парк за миленици

Сопствениците на миленици петицијата ќе ја достават пред новиот состав на градските избраници. Оптимисти се дека Локалната власт ќе ги препознае потребите на Локалната заедница.

 |  Валентина Неловска  | 

Иницијативата Охрид да добие парк за миленици прерасна во петиција. Група на сопственици на домашни миленици собраа 122 потписи за еден ден, доволно за да поднесат петиција до Советот на Охрид кој треба да даде зелено светло за градот да добие современ парк за домашни миленици, информира Илина Велјаноска, дел од иницијативниот одбор. Подносителите на иницијативата сметаат дека вакво катче е потребно за секој град, а особено за туристичко место како што е Охрид.

Се работи за парк за миленици во  Охрид од кој градот има потреба посебно во летниот период кога има зголемена гужва, туристи. Оттаму произлегува потребата од безбеден простор каде што љубителите на миленици ќе може да ги  шетаат безбедно милениците, да служи за игра, со урбана опрема, со канти за отпадоци, клупи, рампи за тренинг – истакна Велјаноска.

Петицијата ќе биде доставена веднаш штом се конституира новиот Градски Совет. Велјаноска е оптимист дека локалната власт ќе ги препознае потребите за да се реализира еден ваков проект. Смета дека локалната заедница треба повеќе да обрне внимание на зајакнување на локалниот развој на заедницата и да се чујат потребите на граѓаните. Сеуште немаат предлог за локација каде би се изградил паркот. 

Во зависност од подготовеноста за соработка, желбата и заклучокот на членовите на советот би биле отворени да дадеме предлог. Засега немаме предлог за место, но доколку локалните власти имаат слух ќе дојдеме до заедничка соработка и паркот ќе стане реалност во блиска иднина – додава Велјаноска.

Велјаноска споделува дека поголем дел од сопствениците на миленици се залагаат за одговорно сопствеништво и грижа кон околината. Напоменуваат дека вакви паркови за миленици се уредени во повеќе скопски населби како што се Карпош, Центар, Аеродром.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top