Пандемијата удри врз работата на книжарниците

Се заканува исчезнување на книжарниците со продлабочување на економската криза во овие дејности. Од Конзорциумот на издавачки куќи, книжарници и печатници апелираат до Министерството за култура и Владата да се погрижат за книжарниците и книжарите.

 |  Валентина Неловска  | 

„Издавачките куќи, книжарниците и печатниците поради пандемијата се наоѓаат во економска криза. Пандемијата силно не погоди“, се огласи Конзорциумот на издавачки куќи, книжарници и печатници. Апелираат до Министерството за култура и Владата да се погрижат за книжарниците и книжарите.

„Книжарството кај нас со години беше во криза, преживуваше и не се развиваше и напредуваше (со ретки исклучоци кога материјалната поддршка беше добиена од државни извори), па сега книжарниците се наоѓаат во катастрофална положба, пред колапс и трајно бришење од регистарот на трговски фирми и мапата на стопански субјекти. Книжарниците во голем број се затворија, а тие што останаа едвај опстојуваат и се наоѓаат во ситуација пред целосно затворање, неработење и исчезнување. Недозволиво е“, велат од Конзорциумот, во голем број градови да нема ниту една книжарница, или да има само една, а најмногу две. Но и тие не продаваат книги и други изданија, туку само училишен прибор, канцелариски материјали и други најразлични ситници меѓу кои најчесто играчки, па дури и тоалетна хартија.

Враќањето на дигнитетот на книжарството и тоа на ниво на целава држава, а не само во главниот град и поголемите градови во Републикава, истовремено е спас и враќање и на книгата и читањето кај нас. Затоа, предлагаме директна државна материјална помош и долгорочни стимулативни законски мерки за сите книжарници во Републикава, со што ќе се зачуваат, спасат и обноват постоечките, а ќе се отворат и нови книжарски места таму каде што воопшто ги нема – нагласуваат од Конзорциумот на издавачките куќи, книжарниците и печатниците.  

 Во спротивно, попусто е да се објавуваат книги ако нема каде да се изложат, продаваат, промовираат и да стигнат до рацете на читателите.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top