Пациентите со механичка потпора од Здружението „Храбро срце” сеуште чекаат ослободување од партиципација за здравствените услуги. Велат тоа е старо ветување од министерството за здравство и екс премиерот Заев, кое требаше да се исполни од почетокот на годинава, но за жал сеуште е неисполнето.
Пациентите со механичка поддршка на срце не добија ослободување од партиципација. Иако на Здружението „Храбро срце” тоа им беше ветено дека ќе се случи од 1-ви јануари годинава. Се работи за 15-тина пациенти во земјава, со механичка потпора на срцето, што не претставува големо оптеретување на буџетот.
Од здружението велат, тоа било ветување кое го добиле пред две години, но до денес сеуште не е исполнето.
Ние пред се како здружение на граѓани со механичка потпора имавме упатено барање преку Владата на РМ односно преку екс премиерот Зоран Заев барање за ослободување од партиципација за лекарските прегледи на пациентите со механичка потпора т.е. ние сме пациенти кои имаат пумпа на срцето која му помага на срцето да испумпа доволно крв за да ние можеме да преживееме до оној момент додека се најде трајно решение односно до трансплантација или има шанса да заздрави сопственото срце – вели Васко Јолески, претседател на Националното здружение „Храбро срце”.
Трошоците за лекување на пациентите со механичка потпора на срце се превисоки. Поголемиот дел од пациентите, поради болеста се спречени редовно да одат на работа и тешко ги поднесуваат трошоците, токму затоа од Здружението бараат ослободување од партиципација.
Трошоците се преголеми дури и за оние кои се добро ситуирани, а во нашето здружение ниту еден не е така добро ситуиран да може да ги поднесе тие трошоци. Не сме многу пациенти на ниво на држава сме 15/16 пациенти години наназад се движи таа бројка согласно морталитетот и новооперираните, бидејќи се работи за една поспецифична болест, која што во нашата држава е релативно нова. Тие операции и зафати се прават неколку години. Исто така немаме ниту посебна шифра на болест вметната во нашиот здравствен систем. Па секое едно наше барање се поистоветува со барањето на пациентите со срцева слабост – додава Јолески.
Националното Здружение „Храбро срце” барањето за ослободување од партиципација го испратиле и до новиот премиер, но до денес не добиле никаков одговор.
Инаку, дваесет и пет луѓе во земјава сеуште чекаат трансплантација на срце. Во мај 2020 година во ек на пандемија се направи првата успешна трансплантација во земјава, а по неа уште пет. Најмладиот пациент кој доби срце од починат донор е 23 годишно момче.
Новинар : Соња Рилковска
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град