Откупувачите на овошје незаинтересирани за хемискиот третман на овошјето, реагираат еколошки освестените овоштари. Се откупува овошје кое ги задоволува по изглед трговците, а не се гледа содржината, се жалат овоштарите кои се во борба со хемијата. Додаваат дека на терен ги нема службите задолжени за контрола на хемиското третирање на овошките и земјоделските култури.
Крсте Трајчески од село Завој, охридско, поборник за производство на органска храна, за себе вели дека со години е во борба со хемијата и хемиските препарати за прскање. Трајчески произведува органска храна која не е во допир со хемиски препарати, калеми стари сорти на овошни дрвца и отворено зборува за состојбите со прскањето во земјоделството и овоштарствотo кај нас. Нашите купувачи најчесто го купуваат „лицето“ на производот, а не колку е здрав производот или колку пати е третиран со хемиски препарати.
„Тие имаат свои комерцијални интереси. Колку сандаци ќе наполнат со јаболка и цреши. Тоа е опасно. Јаболката се прскаат и до 20 пати, а никој не го интересира колку токсини се присутни во градинарските култури и овошјето“, вели Трајчески.
Премногу се прска овошјето и нема контрола колку пати се применуваат хемиските третмани, потврдува и Борис Стојаноски од ЕД Грашница. Ние како еколози со години работиме на едукација на земјоделците и овоштарите, но за жал сеуште тоа тешко допира до нив, вели Стојаноски.
„За жал трговците тоа го диктираат и луѓето се приморани да не ги интересира колку пати прскаат, туку производот да има убав изглед за око. Едно со друго не оди, гледаме, слушаме , но производите ги враќаат. Мора да се работи на таа тема. Тешко оди. Службите не прават контроли иако се најавува, на терен, контролите ги нема, а треба да ги има“, кажува Стојаноски.
Многу е мал бројот на млади производители кои се интересираат да одгледуваат здрава храна и да применуваат органски препарати за заштита на храната. Препораката на искусните и еколошки освестени производители на здрава храна до младите е да ја сакаат земјата и да водат грижа при производството на храна.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град