„Откровение Захариево“ е првото авторско дело на Златко Попоски

Преку измислениот лик Захарие  ги доближува  до читателите поучните начела од најголемите светски религии, христијанската, еврејската и муслиманската. Во книгата се поместени цитати и мудри беседи од светите книги Библијата, Талмудот и Куранот.

 |  Валентина Неловска  | 

 

Промовирана книгата „Откровение Захариево“ од Златко Попоски. Авторот Попоски ги доближува до читателите поучните начела од најголемите светски религии, христијанската, еврејската и муслиманската. Во неа се поместени цитати и мудри беседи од светите книги Библијата, Куранот и Талмудот. Попоски започнал да го создава ова дело пред 2 децении, но како што вели, требало да помине време за да созреат услови за објавување на книгата. Религијата била присутна во неговото семејство со векови и по таткова и по мајчина страна. Попоски раскажува дека го посетил Ерусалим два пати, ја посетил и Света Гора, разговарал со свештеници и ги прочитал светите книги.

„Тука беше мотивот да направам сиже бидејќи знам дека сите гледаат едноцентрично, дали се христијански, еврејски или муслимански книги. Мојата цел беше да направам едно сиже да се види дека има многу позитивни работи кај сите религии, во едно сиже со историската приказна да го ставам сето тоа во ова дело „Откровение Захариево“.

Авторот Златко Попоски преку патешествијата на главниот лик Захарие укажува на вистините што Бог им ги открива на луѓето, за себе, за светот, за човекот, за смислата на постоењето и спасението. Го извлекол позитивното од трите религии. Многу пати сите религии се злоупотребувале, а тоа се случува и денес за разделба и раздор кај граѓаните. Сакав да ги издвојам и да ги напишам работите кој што вистински вредат, напоменува Попоски.

„Мојата поента е да бидеме луѓе, да бидеме позитивни, да правиме добри дела, да оставиме нешто зад нас, за нашите идните генерации. Тоа е најбитно во животот. Овие начела можат да помогнат“.

Книгата „Откровение Захариево“ е прво авторско дело на Златко Попоски кој по професија е дипломиран архитект. Книгата опфаќа различни историски периоди, каде што преку главниот лик Захарие, преку дијалози, се преплетуваат религиските догми, начела и проповеди кои можат да му дадат секому правилни насоки во животот.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top