Орманци го прославија својот заштитник Чудотворецот Св. Наум Охридски

Орманци го прославија својот заштитник Чудотворецот Св. Наум Охридски.

 |  Валентина Неловска  | 

Верниците од христијанска вероисповед на 3 јули го слават споменот на Чудотворецот Св Наум Охридски. Луѓето ги посетуваат истоимениот манастир во комплексот Св. Наум , но и останатите цркви кои се посветени на светителот. Меѓу нив е и малата црквичка на Чекоштина над селото Орман.
Бројни беа жителите од Орман, но и многу охриѓани кои дојдоа во црквичката посветена на Св. Наум да се помолат за здравје и бериќет на своите семејства. По утринската литургија и  кревањето на крсти кумот организираше заеднички ручек за верниците во чест на светителот. Годинава кумството му припадна на семејството на Зоран Трајчески кој за овој ден допатува од Швајцарија каде што живее, а верува и го почитува култот кон големиот светец Чудотворецот Св Наум Охридски.

„ Привилегија е да се биде кум и голема чест.  Овој ден го чекавме 2 години се организира ручек и целото село и гостите се собираат во чест на Св. Наум, тоа е голема чест и ми драго што учествувам во прославата на овој ден “, вели за денешниот празник Трајчески.

Црквата изградена над селото Орман е од поново време , а се наоѓа на некогашниот имот на манастирот св Наум. Орманци во минатото верувале дека духот на Св. Наум е присутен на овој простор и рано наутро кога одле на орање забелжувале како се издига сноп светлина и патува на езерот кон Св Наум. Затоа и ја изградиле истоимената црквичка на ридот Чекоштина, раскажува 86 годишниот Стојан Стојаноски за легендата која ја слушал во минатото од постарите жители на селото.

„Често им се случувало на овој простор да видат нешто светло како се издига кон езерото и Охрид, се спушта на Калето , па по кратко време се издига и продолжува кон Пештани, Заум и Св. Наум. Не можеме да објасниме од каде доаѓа таа сила и светлина, но луѓето верувале дека тука има црква бидејќи во близина се археолошки ископини , неколку Базилики и црквата посветена на Св. Еразмо“, раскажува Стојаноски .

Во непосредна околина се селските гробишта, а во минатото тука биле пронајдени христијански гробови па се верувало дека во близина мора да имало и верски храм. Црквичката Св. Наум над Орман е подигната во 50 -те години од минатиот век со донација од верниците од Орман. Во 2001 година е подигнат и милениумскиот крст донација на верниците од странство кои имаат потекло од селото Орман.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top