• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Општина Охрид со над 1 милион евра е на шесто место во земјава по наплата на данок на имот

Општина Охрид со над 1 милион евра е на шесто место во земјава по наплата на данок на имот

 Седум општини во земјава имаат просечни годишни приходи од данок на имот поголеми од 1 милион евра. Со нула денари е општина  Арачиново, каде воопшто  не издавале решенија за наплата на данок на имот, објави Центарот за граѓански комуникации од спроведеното истражување. 

 |  Валентина Неловска  | 

Општина Охрид има нешто повеќе од 1 милион евра просечна годишна наплата на данок на имот. Според висината на наплата на данок на имот, општината  е на шесто место во земјава, веднаш после скопските општини, Центар, Карпош, Аеродром, Кисела Вода и Гази Баба. Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето и базата на податоци за пресметан и наплатен данок на имот за сите општини во земјава за 2017, 2018 и 2019 година.

Во овие три години во општина Охрид се инкасирале нешто над 1 милион евра во просек годишно од приход од данок на имот. Само седум општини во земјава имаат просечни годишни приходи од данок на имот кои се поголеми од 1 милион евра, во 36 општини овие приходи се помали од 50.000 евра, а нула денари во општина Арачиново, каде воопшто и не се издавале решенија за наплата на данок на имот со образложение дека немаат база на податоци на даночни обврзници ниту даночно одделение. Сите општини заедно, просечно годишно наплатуваат по 1,3 милијарди денари, односно 21 милион евра за данок на имот од граѓаните и од фирмите.

Просечната годишна наплата на овој данок се движи околу 81 процент. Значително поголем дел од данокот на имот се прибира од граѓаните, 70 %, додека од правните лица, односно од фирмите се прибираат останатите 30 %. И успешноста во наплатата е поголема кај граѓаните и изнесува 85 %, а кај фирмите се наплатува по 78 % од пресметаниот данок. Најуспешни во наплатата на овој данок се општините Росоман и Ресен, најмалку успешни Студеничани, Маврово и Ростуше. По региони, највисок процент на наплата на овој данок има кај општините од Вардарскиот Регион, а најнизок од Полошкиот Регион.
Ова истражување на Центарот за граѓански комуникации се реализира во рамките на активноста Јавно трошење за јавно добро, поддржана од Проектот на УСАИД за граѓанско учество. Целта на оваа активност е зголемување на ефективноста на јавното трошење преку намалување на корупцијата и зголемување на транспарентноста.

 

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top