Oд ИПА фондовите за прекугранична соработка се подготвуваат апликации за проекти. Ќе се аплицира за изградба на трим патека и набавка на електрични возила.
Општина Охрид има добра соработка со соседните земји во искористување средства од ИПА фондовите за прекугранична соработка, информира градоначалникот Константин Георгиески. Oпштина Охрид подготвува проектни апликации за искористување на средства за заеднички проекти за прекугранична соработка со градови од Албанија и Грција.
„Имаме апликации и други проекти со Корча и со Грција. Со Грција е на високо ниво соработката. Имаме апликации за електрични велосипеди, возила и чамци. Со Корча аплициравме за изградба на трим патека на просторот во поранешна Касарна , па ќе видиме дали ќе бидат одобрени.“
Поднесена е апликација за проект во партнерство со општина Кавадарци и општина Воден, а се предвидува набавка на електрични возила со намена за туристички разглед пред се на стариот дел на градот, како и околните туристички локалитети. Предвидената сума за овие возила во проектната апликација е 105.000 еур.
Проектот е во фаза на евалуација, а финалната одлука за финансирање ќе биде донесена во наредниве месеци.
За изградба на трим патека во рамки на месноста „Касарна“ се прават подготовки за аплицирање на предлог проект за програмата за прекугранична соработка помеѓу Македонија и Албанија преку ИПА III за периодот 2021-2027 година. Општина Охрид е во процес на избор на проектен партнер со повеќе општини од Р. Албанија. Една од општините со кои се водат разговори е општина Корча, а со која претходно се воспоставени односи за меѓусебна соработка и заедничко поднесување на проект.
Општина Охрид во изминатава година го реализира проектот од ИПА фондовите за Меѓугранична соработка и интегрирани здравствени и социјални услуги „Cross4all“,од првиот повик за проектни предлози од ИНТЕРРЕГ ИПА Програмата за прекугранична соработка помеѓу Република Грција – Република Македонија 2014-2020, како и проектот „Интер регионално управување со културното наследство Е-систем“ „ИРК-ХЕРМЕС“, од програмата Интеррег Балкан-Медитеран 2014-2020.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град