Општина Охрид финансиски ќе ги помага граѓаните во социјален ризик

Општина Охрид финансиски ќе  ги помага  граѓаните во социјален ризик

 |  Валентина Неловска  | 

   Продолжува финансиската поддршка на општина Охрид  за граѓаните од социјален ризик. Со средства од буџет во висина од 600,оо денари месечно ќе се субвенционираат давачките на овие граѓани кон  четирите општински јавни претпријатија.

„Кон Проаква, Комуналец, Нискоградба и Градски гробишта. За Покривање на трошоците за потрошена вода за пиење до 250 денари, за  одведување на отпад до 150 денари , за одведување на отпадни и атмосферски води до 150 денари  и покривање на трошоците за плаќање на такса за гробарина  во висина до 50 денари“, набројува  Томе Џамтоски портпарол на општина Охрид.

Во буџетот на општина Охрид за 300 граѓани се наменети средства  за субвенционирање на давачките. Право да поднесат барање за субвенционирање на трошците за комунални услуги од Буџетот на Општина Охрид за 2017 година, имаат лицата кои се во социјален ризик.

 

„ Оние граѓани кои  имаат статус на  корисник на социјална помош или  корисник на постојана парична помош. Лицата кои имаат најмалку 70% степен на инвалидитет или тешка болест, односно нивниот брачен другар или друг член на семејството е со инвалидитет од најмалку 70% или има тешка болест“,ги наведува  условите Џамтоски.

Како тешка болест се подразбираат малигни или церебрално васкуларни заболувања или други тешки заболувања. За другата  категорија на граѓани услов е  корисниците и нивните брачни другари да бидат пријавени во Агенцијата за вработување и активно да бараат работа. Заедно со брачниот другар да не оствариле приходи поголеми од 105.600,оо денари во 2015 година и да не поседуваат друг имот освен оној во кој живеат. 

Повикот е распишан и ќе трае до 10 јануари.  

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top