Охриѓаните со инвалидитет најчесто се вработуваат во производство

За вработување на лицата со попреченост се отворени вратите на десетина охридски компании. Работодавачите се стимулираат од посебен фонд на Агенцијата за вработување, но при тоа мора да исполнуваат одредени критериуми.

 |  Валентина Неловска  | 

Невработените лица со попреченост наоѓаат егзистенција во неколку охридски производствени компании. На пазарот на труд државата ги стимулира фирмите кои ќе вработат лица со инвалидитет преку посебен фонд за стимулација на работодавачите, информира Елведина Дика, директорка на охридската Агенција за вработување. Компаниите притоа мора да исполнат одредени критериуми. Дика ги појаснува состојбите со оваа категорија на невработени. Напоменува дека 95 проценти од нив се без занимање, мал број имаат завршено основно училиште, а повеќето не може да конкурираат за вработување затоа што немаат документи.

Не може да се одреди колкав е процентот на инвалидност бидејќи немаат соодветна документација за да се ангажираат. За да ја земат соодветната документација тие треба да се изложат на трошоци, па затоа и ја немаат адекватната документација – истакна Дика.

Фирмите се стимулираат со оперативен план на почетокот на годината кога се објавуваат конкурси. Врз основа на барањата и на пазарот на трудот се одредува квота за учество во активните мерки. Притоа компаниите кои ќе вработат лица со попреченост подлежат на контроли дали ги почитуваат работничките права на овие лица според Законот за доделување на посебниот фонд.

Гледаме да нема злоупотреби. Тоа се големи и успешни фирми и досега не сме наишле на никави злоупотреби – додава Дика.

Од почетокот на оваа година досега педесет и осум лица со инвалидитет бараат работа во Агенцијата за вработување во Охрид. 10 компании пак, засега ги отвораат вратите и ги исполнуваат условите за работно ангажирање на лицата со попреченост. 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top