Охриѓани стануваат поодговорни за чистење на оџаците

Се менуваат на подобро навиките од оџачари или самостојно одржување на оџаците од гареж и саѓи. Од Територијалната противпожарна единица  апелираат примена на советите од пожарникарите за да има безбедна зимска сезона.

 |  Валентина Неловска  | 

Граѓаните се почесто ангажираат оџачар, но и самоиницијативно ги чистат оџаците и одводните чадни канали. Со тоа покажуваат дека посериозно и поодговорно се однесуваат за својата и општата безбедност при употребата на грејни тела за затоплување на домовите, информира Спасе Прентоски, командир на ТППЕ. Напоменува дека нивните апели допреле до граѓаните како да ги избегнат ризичните ситуации во зима.

Противпожарната култура се презентира како основна заштита на граѓаните. Секое семејство се менува. Во позитивна смисла се менуваат навиките пред грејната сезона кога почнува чистењето на оџаците или по завршување на грејната сезона кога бараат чистење на оџаците – вели Прентоски.

Командирот Прентоски советува најмалку еднаш месечно да се чистат грејните тела и чадоводните канали. Во тој случај никогаш нема да дојде до запалување на оџаците кои се број еден најголеми предизвикувачи на пожари. За да се подигне степенот на безбедност од пожари, споделува неколку совети како што се гаснење на грејните тела кога го напуштаме домот, но да се внимава и каде се поставуваат грејните тела во домот.

Грејните тела на електрична енергија, на плин, на течни или цврсти горива, апелирам да се постават независно во просторијата. Во нивна близина да нема мебел, тие треба да шират топлина и да нема палење на мебелот кога ќе достигне точка на палење на материјата во нивна близина – додава Прентоски.

Од почетокот на оваа година до месец октомви охридската Територијална противпожарна едница интервенирала на 225 објекти, на отворен простор и на сообраќајни средства. Имале и 136 технички интервенции на повик од граѓаните. Пожарникарите имале ист број на интервенции во споредба со истиот период минатата година.  

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top