Охридските училишта формирале комисии по препораките на МОН

Охридските училишта формирале комисии со кои ќе се разгледуваат препораките на МОН за измени во делот на исхраната на учениците. Најавуваат колективно видување на состојбите по препораките. Директорите на некои училишта напоменуваат дека без помош на државата тешко може да се спроведува потребната нутриционистичка исхрана на учениците. Од министерството најавуваат законски измени и бараат почитување на досегашниот Правилник за исхрана.

 |  Валентина Неловска  | 

Министерството за образование и наука упати препораки општините и училиштата да го почитуваат правилникот за исхрана на учениците усвоен во 2014 година. Најавија законски измени за да го следат спрoведувањето на Правилникот за исхрана на учениците. ТВМ ги контактираше директорите на неколку охридски училишта во однос на препораките на МОН. Дел од нив изјавија дека веќе формирале комисии со кои ќе се разгледуваат препораките. Најавија колективно видување на состојбите по што ќе следи нивно изјаснување. Некои напоменуваат дека без помош на државата тешко може да се спроведе потребната нутриционистичка исхрана на учениците бидејќи е премногу скапо. Родителите за храна во училиштата трошат околу 600 денари месечно, а најчесто на менито се пецива.
Препораките на МОН следуваа по реакциите на родителите за квалитетот на оброците и ужинките што нивните деца ги јадат на училиште. Тоа го потврди и извештајот на Институтот за јавно здравје каде што стои дека кај ученицИте во пораст е анемијата, прекумерната тежина и дебелина. Во однос на исхраната на децата со целодневен  престој во извештајот е наведено дека исхраната на оваа популација е на незадоволително ниво. Многу е мал внесот на нутритивно богата храна како овошје, зеленчук и млечни производи. Децата јадат многу лоша храна, најчесто кифли, мекици, пици, ладни сендвичи, а во правилникот за храна стои дека тоа треба да е најмалку застапено во менијата. Неопходен е засилен мониторинг на исхраната кај децата со целодневен престој. По овие факти од МОН најавуваат контроли и промена на начинот на избор на понудувачи. Укажуваат дека при изборот на храна за учениците не може да биде критериум најниската цена. Понудувачите мора да дадат гаранција за квалитет, а менијата да ги прават нутриционисти.

Агенцијата за храна и ветеринарство, Министерството за здравство, Министерството за образование и наука, Институтот за јавно здравје и Државниот пазарен инспекторат се петте институции што ќе прават контроли на храната со која се хранат учениците додека се на училиште. МОН нема ингеренции да постапува кога се работи за храната во училиштата, па се подготвуваат законски измени за да можат да започнат контролите , стои во најавата на МОН. Правилникот за исхрана, усвоен во 2014 години да се почитува е апелот до градоначалниците и директорите. Министерството за образование и наука нареди сите директори еднаш месечно да доставуваат извештај за тоа со што се хранеле учениците во тековниот месец.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top