• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Охридските советници дискутираа за Проектите од Нацрт програмите за креирање на буџетот за 2022 година

Охридските советници дискутираа за Проектите од Нацрт програмите за креирање на буџетот за 2022 година

Се слушнаа прашања кои се однесуваат на проектите предвидени за просторот на поранешната Касарна, начинот на финансирање на тие проекти и нивната одржливост во иднина. Од ТЛЕР одговорија што се планира на просторот на поранешна Касарна и како ќе се финансираат проектите. 

 |  Валентина Неловска  | 

Нацрт програмите за туризам и локален економски развој за 2022 година превидуваат реализација на неколку проекти. Вниманието на опозицијата во Градскиот Совет го свртеа проектите предвидени да се реализираат на површина од 400 метри квадратни во поранешната Касарна, адреналински парк, памп патека, како и проектот Смарт Бајк Систем кој предвидува набавка на 60 смарт велосипеди и поставување 10 паркинг места. Изградбата  на адреналинскиот парк во нацрт програмата ќе чини околу 9,6 милион денари, а набавката на смарт велосипедите 160.000 евра.

Советникот од ВМРО НП, Ванчо Костоски, побара подетално објаснување дали има детален Урбанистички план за Касарна, како ќе се обезбедат  средствата за изградба на проектите и кој е начинот на одржливост во иднина на адреналинскиот парк.

Дали самата изведба на содржините во адреналинскиот парк  ќе оди со јавен повик или по друг избор? Кој ќе стопанисува со него, кој ќе го одржува и дали ќе требаат дополнителни средства, кој ќе наплаќа влез, кој ќе стопансиува со овој парк? – истакна Костоски.

Ѓоко Апостолов, претставник од ТЛЕР, појасни дека ќе се изработи физибилити студија со стратегија и акционен план за технолошко-рекреативен развој на просторот на Касарна. Проектите кои се веќе предвидени за имплементација, нема да претставуваат проблем доколку согласно Студијата план за Касарната биде поинаков, бидејќи станува збор за содржини од времен карактер кои може да бидат дислоцирани. Тој посочи дека сите планирани активности во Касарната се дел од проект кој е финансиран од страна на ЕУ за општините, од проектот „Ohrid go“ финансиран со буџет од 716 .000 евра.

Авантуристичкиот парк, памп траката и системот за смарт велосипеди се одобрени од комисии кои што немат да дозволат да е нешто пребуџетирано. За времетраење на проектот е пожелно да не е комерцијално, а не е спорно да работи комерцијално за да е одржливо по завршување на проектот. Наоѓање начин како по завршување на проектот да функционира, дали преку јавно приватно партнерство, дали ќе стопанисува јавно претпријатие или ќе се даде под наем – вели Апостолов.

За следната година за промоција на Охрид се предвидени 2 милиони денари за промотивни материјали, а 600.000 денари за промоција на туристичките потенцијали. Во оваа насока имаше предлог туристичките потенцијали на Охрид да се презентираат и преку обновување на контактите  со веќе збратимените градови ширум светот.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top