Охридските превозници на јавен транспорт бараат зголемување на цената

Цените на горивата кои што вртоглаво растат на дневна основа го загрозуваат функционирањето на овие компании, па тие бараат од Градскиот совет корекција на цената во линискиот превоз и на стартната цена во такси превозот.

 |  Валентина Неловска  | 

Секојдневното зголемување на цените на нафтените деривати ги принуди охридските превозници во јавниот транспорт да бараат зголемување на цената на превозот. Превозниците и такси компаниите за да можат да функционираат бараат од Градскиот совет покачување на цената на билетите во општинскиот линиски превоз и стартната цена на такси превозот.

Во линискиот превоз имаше зголемување на цената пред околу еден месец. Цената на билетот беше покачена за 10 денари, а по вчерашниот пораст на горивата превозниците бараат од Советот на град Охрид ново поскапување на билетите за уште 10 денари.

Директорот на АД Галеб, Димитар Василески, за ТВМ вели дека неизбежно е зголемување на цените во јавниот превоз покрај секојдневните ценовни шокови на горивата. Загубите во работата се неминовни. Принудени сме да ја зголемиме цената на меѓуградскиот и линискиот превоз. Во спротивно ќе мора да ги редуцираме линиите, а тоа носи и отпуштање на вработените, посочува Василески.

Василески вели, општините тешко може да помогнат за да ги покриеме негативните финансиски импликации. Сакаме да бидеме општествено одговорни, свесни сме дека општините не се во можност да помагаат бидејќи досега го субвенционираа превозот во услови на пандемија, а општинската каса е се попразна. Здружението на приватни превозници се обратило за помош до Владата од каде очекуваат одговор.

Барање за зголемување на цената на линискиот превоз има и од такси компаниите. До Советот на општина Охрид таксистите побарале зголемување на стартната цена на превозот за 10 денари. Очекуваат нивното барање да се најде пред советниците на седница во месец април.

За заштита на граѓаните од ценовните шокови , Владата во пакетот од 26 мерки даде и препорака до општините да го реорганизираат јавниот превоз.

Од Општина Охрид пак, велат дека до нивните служби немало барање за зголемување на цената од превозниците. За препораката од Владата, за реорганизација на линискиот превоз ќе чекале официјален допис бидејќи не биле запознаени со оваа мерка.

 

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top