Охридскиот новинар Милчо Јованоски ја доби наградата Најдобар новинар за 2017 година

 Познатиот охридски новинар Милчо Јованоски ја доби наградата Најдобар новинар за 2017 година. Наградата му ја додели Европскиот институт за менаџмент, право и дипломатија, од Скопје.  Јованоски е актуелен уредник на порталот Публицитет, а негова желба е луѓето околу нас повеќе да  го вреднуваат новинарскиот труд.  

 |  Валентина Неловска  | 

Охридскиот новинар Милчо Јованоски е добитник на наградата Најдобар новинар за 2017 година. Европскиот институт за менаџмент, право и дипломатија, од Скопје, му го врачи ова признание на 27 декември, на годишната прослава на Европскиот институт во Скопје. За наградата Јованоски вели дека било изненадување кое не го очекувал, а драго му е што тоа е доказ дека сепак, некој го цени новинарскиот труд. Милчо Јованоски зад себе има долг стаж со кој го печел новинарскиот занает. За наградата ќе рече дека се должи на неговиот целокупен новинарски ангажман во изминативе 35 години.

„Се должи на мојата огромна љубов кон пишаната реч, односот кон моите соговорници. Кога ми ја доделуваа наградата, д-р Зендел Абедин Шехи, сопственикот на Европскиот институт пренесе дека наградата е врв на она што е мое најдобро претставување во делот на интервјуата, моите новинарски бисерчиња, рубриката „Мојот живот, мојот свет“, кажува Јованоски.

Наградите се потврда за она што се работи и се стимул и поттик да се чувствувате подобро, но имаат и обврска. Јованоски во понатамошната кариера е исправен пред предизвикот и понатака да остане препознатлив по својот новинарски стил.

„Ние сме новинарска школа од друго време, во кое се ценеа вредностите, соговорниците, реченото и зборот кој го вагаме на вага што ќе го напишеме, да бидеме искрени пред себе и јавноста. Сакам да продолжам во тој стил, професионализам и жар, како да сум на почетокот од својата кариера, а не на нејзината средина“, кажува колегата Јованоски.

Негова желба е луѓето околу нас повеќе да го ценат новинарството и да го вреднуваат новинарскиот труд. Јованоски, кој  својата кариера ја почна во Радио Охрид, вели, со нашите прилози и активности ние сме хроничари на градот во кој живееме и ќе оставиме белег за нас и за оние за кои пишуваме.
Денес, Милчо Јованоски е уредник на порталот Публицитет и дописник од Македонија за австралиското радио СБС.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top