Охридскиот атлетски маратон ќе се одржи на Денот на независноста

 Охридскиот атлетски маратон ќе се одржи на Денот на независноста, 8 септември. По 32 пат маратонците  ќе  трчаат на патеката од Св. Наум до Охрид. Досега над 1800 маратонци биле дел од најстарата маратонска манифестација на Балканот. 

 |  Валентина Неловска  | 

На Денот на независноста, 8 септември по триесет и втори пат ќе се одржи Меѓународниот Охридски атлетски маратон. На патеката од Св. Наум до Охрид, во должина од 30 километри ќе трчаат маратонци од повеќе земји од светот. Досега се пријавени 130 маратонци, а бројот се очекува да се промени и да се надмине минатогодишната бројка од 147 учесници. За оваа спортска манифестација се завршени сите подготовки, а е поддржана од Локалната самоуправа, македонската Атлетска федерација, Агенција за млади и спорт и многу други пријатели на маратонското трчање, информираат од организациониот одбор на маратонот. Милчо Стефаноски од организациониот одбор најавува дека годинава во трката има новитети и ќе се пренесува во живо.

„Освен главната трка, годинава ќе се одржи и трка на 5 километри под името прва трка на независноста, со цел да се привлече поголем интерес кај граѓаните за следење на трката. Досега се пријавени 60 учесници, но и тука очекуваме бројот да се зголеми“, посочува Милчо Стефаноски член на Организациониот одбор.

Ристо Трајкоски, член на организациониот одбор на маратонот досега учествувал во подготовката на сите изданија на маратонот. Патеката е една од потешките и поатрактивни на Балканот. Маратонците ќе стартуваат во 9 часот од Св.Наум, а целта е пред Центарот за култура.

„Охридскиот атлетски маратон е еден од најстарите на Балканот. Со најмногу победи и најмногу пати учество на маратонот се охриѓаните, со пет победи Живко Стојчески и Славко Симоноски со 17 трки“, вели Трајкоски.

Првите маратонци се очекуваат да стигнат на целта после 10 часот и 30 минути. За маратонската трка да помине беспрекорно ќе се погрижат 50 волонтери кои ќе ја обезбедуваат целата должина на патеката. За првите три места во машка и женска конкуренција наградниот фонд е 700, 300 и 200 евра. За македонските атлетичари за освоените три први места наградниот фонд е во висина од 150, 100 и 50 евра. Доколу биде поставен рекорд на трката, ќе биде доделена парична награда во висина од 100 евра.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top