Охридската општа болница ќе се подновува со современа медицинска апаратура


Во тек е тендер за набавка на апарат за ласерско кршење на камења во бубрезите. Овој апарат  се набавува за прв пат, а пациентите досега за  оваа медицинска  услуга беа принудени да одат на лекување во приватни болници или на скопската Универзитетска клиника.

 |  Валентина Неловска  | 

ЈЗУ Општа болница Охрид ќе ја подновува старата медицинска апаратура. Во тек е тендер за набавка на апарат за ласерско кршење на камења во бубрезите. Современиот апарат чини околку 220.000 евра. Ќе има примена за хируршко лекување на пациентите, информира д-р Горан Балевски, директор на општа болница.

„Тоа е комплетен столб со 4К за ендоскопски, лапараскопски и за ласер хирургија кој ќе може да се користи на повеќе одделенија, хирургија и гинекологија. Но, акцент е сепак на уролошкото одделение за да може да се работи бидејќи досега луѓето одеа на лекување во приватни болници.“

Овој апарат се набавува за прв пат, а пациентите досега за оваа медицинска услуга беа принудени да одат на лекување во приватни болници или на скопската Универзитетска Клиника. Покрај набавката на модерна медицинска апаратура ќе се работи и на осовремeнување на  работата на болницата.

„Работиме да донесеме нови методи, намерата е  да се дигитализираме. Да може од апаратурата да добиваме снимки на лаптоп“.

Во Општа болница од пред неколку месеци не е во функција компјутерскиот томограф за кој ќе треба да се набави резервен дел. Набавната цена на делот   чини околку 110.000 евра, а се преговара со ресорното министерство за набака на нов апарат. Компјутерскиот томограф е во функција од пред 10 тина години и се користеше за дијагностика на пациенти од целиот југозападен регион.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top