• Почетна
  • Archive
  • Вести
  • Охрид
  • Охрид и оваа година очекува да расте трендот на туристичка посетеност и реализирани ноќевања

Охрид и оваа година очекува да расте трендот на туристичка посетеност и реализирани ноќевања

Од Тлер напоменуваат дека на охридското крајбрежје се враќаат во поголем број и домашните гости.  И домашните и странските гости најбројни биле во месеците јули и август.

 |  Валентина Неловска  | 

Општина Охрид се надева на успешна туристичка жетва и оваа година. Од статистичкиот извештај на Државниот завод за статистика се гледа дека за десет месеци во минатата година биле реализирани над 960.000 ноќевања и над 260.000 посети. На домашните гости од овие показатели отпаѓаат над 100.000 посети и 540.000 ноќевања. Од Секторот за туризам и локален економски развој (ТЛЕР) очекуваат преку настапите на туристичките саеми и останатите туристички промоции да продолжи трендот на раст на странски и домашни гости на охридското крајбрежје и дека ќе го надмине бројот од еден милион ноќевања.

„ Со најавите и потпишаните резервации за 2019 година убеден сум дека ќе имаме пораст на странските туристи. Она што радува е што во последните години успеавме да го стагнираме негативниот тренд и пад на домашните туристи. Од 2007 -2008 до пред две три години беше во опаѓање нивниот број , имаше негативна тенденција , но сега стагнира“, подвлекува Ѓоко Апостолов од Тлер.

Расте бројот на ноќевањата и туристичката посетеност неколку години наназад, но останува ист бројот на леглата и сместувачките капацитети. Станоиздавачите од мал обем постојано инвестираат во подобрување на сместувачките капацитети и уплаќаат туристичка такса, подвлекува Ѓоко Апостолов од ТЛЕР.

„ Кога се зборува за квантитативниот аспект бројот е ист во однос на сместувачките капацитети и бројот на леглата. Дел од приватните станоиздавачи од мал обем се откажуваат, но има и нови кои се пријавуваат. Така бројот од 2200 до 2300 регистрирани приватни станоиздавачи е постојано ист“, вели Апостоплов.

На почетокот од годинава општина Охрид ги промовира туристичките можности на саемот во Утрехт, Хоалндија, а се планирани посети и на саемите во Истанбул и Белград на крајот од јануари и месец февруари. Со промотивен туристички материјал ќе се настапи и на саемите во Софија и Загреб. Оваа сезона повторно се очекува најбројни да бидат гостите од Турција кои се водечки по бројот на реализираните посети и холандските гости кои имаат најголем број на ноќевања. Исто така, на охридското крајбрежје се очекуваат и гостите од регионот и Полска.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top