совет на општина охрид

Центар за деца со церебрална парализа

Советот на општина Охрид ја усвои одлуката за доделување на простор за формирање на Дневен центар за деца со церебрална парализа.
 |  инфодеск  | 

Охрид добива Дневен центар за децата со церебрална парализа. Градските советници едногласно ја усвоија предлог одлуката за доделување на простор за формирање на ваков центар. Просториите се во поранешната касарна во Охрид.

Конечно децата со церебрална парализа ќе добијат катче за социјализација, анимација и дружба, бидејќи во недостиг на ваков центар, тие со години живеат во изолација.

Охрид покажа дека има волја, има слух, има желба. Ова е еден многу убав гест кој што општината го прави кон овие деца и семејства и покажува дека Охрид сака да им помогне на овие лица. Да ги издигне и да ги вклучи во општеството. Децата да имаат место каде што ќе можат да уживаат, да добиваат соодветна модерна терапија. Ние веќе имаме нешто во земјава што е поново од терапии, меѓутоа во план сум наскоро да имаме уште една нова терапија, која дечињата во центарот ќе ја добиваат – вели Весна Гебелоска, родител на дете со церебрална парализа.

Центарот треба да биде опремен со соодветни помагала за згрижување и анимација на децата со церебрална парализа. Во него ќе работат дефектолози и логопеди. Средства за оваа намена ќе се бараат од меѓународни фондови и донации од општествено одговорни компании.

Просторот го добивме таков беше договорот со општината, впрочем такво беше и барањето наше. Сега треба да почнеме со уредување на просторот. Ќе ни требаат фондови, очекуваме некои проекти дали ќе бидат одобрени, ако не ќе бараме помош од охриѓани, општествено одговорни компании, национални фондови. Ќе се ангажираме, ќе го опремиме – додава Гебелоска.

Со челична волја Здруженијата, кои со години се борат за подобрување на квалитетот на живот на оваа категорија лица, конечно успеаа да добијат простор. Тие упатија јавна благодарност до медиумите, градоначалникот Пецаков, советниците, советничката од Левица и одделението за детска и социјална заштита и образование при општината.

Новинар : Соња Рилковска

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top