Одбележана годишнината од одржувањето на Второто засадение на АВНОЈ

Со историски час одбележани 74 години од одржувањето на Второто засадение на АВНОЈ. Историчарот Проф. Наце Иваноски, говореше за значењето на АВНОЈ во создавањето на првата слободна македонска држава.

 |  Валентина Неловска  | 

Општинската организација на Сојузот на борци од НОАВМ 1941 – 1945 и на граѓаните продолжувачи во општините Охрид и Дебрца, со историски час ги одбележаа 74 -те години од одржувањето на Второто заседение на Авној на 29-ти и 30-ти ноември 1943 година.
Присутните ги поздрави Гоце Георгиески, Претседател на Општинскиот сојуз на борци од Охрид и Дебрца, по што му даде збор на проф. Наце Иваноски. Историчарот говореше за улогата и значењето на Авној пред голем број присутни воени ветерани, резервисти, пензионери, титоисти, претставници на политички парти, НВО и ученици. Професорот Иваноски ги потсети присутните на значајните датуми од воено-политичките случувања во текот на втората светска војна во Европа и на Балканот, посебно на територијата на поранешна кралска Југославија. На ова заседание покрај тоа што е дадено признание на Народно ослободителната војска и партизанските одреди, донесена е одлука за идното внатрешно уредување на Југославија, подвлече проф. Иваноски.

„Југославија ќе се гради врз федерални принципи на рамноправни народи, каде што ги брои Македонците, Србите, Хрватите, Словенците. Сите се формираат на национална основа со исклучок на Босна, која ќе се формира врз основа на три националности, Срби, Хрвати и Бошњаци. Новата федерација ќе биде федерација на рамноправни држави Македонија, Србија, Хрватска, БиХ и Словенија. Со ова званично со документ Македонија и Македонците се признаваат за посебна нација, се признава право на своја држава и ќе почне конституцијата на Македонија како независна држава членка на федерацијата, а суверинтетот и го отстапува на заедничката држава“, потсетува на историските факти Иваноски.

Историчарот посебно се осврна на второто заседение на Авној од 1943 година кое има големо историско значење за македонскиот народ и држава.

„ На второто заседанеи на АВНОЈ е избрано Претседателство кое донесе одлука сите решенија, прогласи и одлуки да се печатат и на македонски јазик. Тоа значи пред официјалната кодификација на македонскиот јазик и правопис во 1945 година кога се оформи Македонија како држава беше признаен македонскиот јазик како посебен и македонската азбука како посебна“, истакна Иваноски.

Со одлуките на Второто заседание на Авној не беа воодушевени големите сили, бидејќи со одлуките беа озаконети придобивките на НОБ кој имаше за цел ослободување од фашистичката окупација и воведување на ново општствено политичко уредување на тогашна СФРЈ.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top