Финансиските средства се обезбедени преку грант од Фондацијата „Чекор по чекор“ на тема „Редовно на часови“-Активно вклучување на ромите во образованието. Школото е прво рангирано во земјава на јавниот повик од фондацијата, а неговите ученици преку ликовна техника испраќаат порака сите деца имаат право на образование.
Јана, Андреа и Георгина од ОУ „Григор Прличев“ се вклучени во сликање на мурал во школскиот хол. Талентираните ученички од деветто одделение испраќаат силна порака преку ликовното творештво дека сите деца имаат право на образование. Со нивната дарба за сликање се дел од проектот „Редовно на часови“- Активно вклучување на ромите во образованието на Фондацијата „Чекор по чекор“.
Со овие симболи за редовно посетување настава ние покажуваме на креативен начин покрај со реченица и мисла дека сите треба да ги почитуваме правата. За посета на часови нема граница на сите полиња – порачува Јана Кузманоска.
Сите индивидуално како ученици треба да ги прифатиме разликите и заедно, инклузивно да ги преминуваме сите граници. Ние на креативен начин да ја изразиме оваа мисла и да го оствариме нашиот дел во оваа борба – вели Андреа Савиќ.
Ние со оваа активност во нашето училиште сакаме да кажеме дека сите сме еднакви и имаме еднакво право за образование – кажува Георгина Нанушевска.
Во ова училиште настава посетуваат и деца од ромска припадност. Во подготовка на проектот „Редовно на часови“-Активно вклучување на ромите од Фондацијата „Чекор по чекор“ бил вклучен тим на наставници, информира Ивана Маховска Шикалеска, директорка на основното училиште. ОУ „Григор Прличев“ на овој јавен повик е прво рангирано школо во земјава и е добитник на грант со кој школото доби вредна училишна опрема.
Училишната библиотека и наставата по физичко и здравствено образование во одделенска настава се збогатени со помош на грантот кој го освоивме аплицирајќи со проект на Фондацијата „Чекор по чекор“. Со грант финансиските средства се опремени библиотеката со клуб масички и катче наменето за учениците, за складирање на книгите, како и спортска опрема – истакна Маховска Шикалеска.
Општинското основно училиште „Григор Прличев“ активно се вклучува во подготовка на различни проекти од различни теми. Поттик ни се учениците и новите форми во примена на наставата за учество во проекти на кои се потврдува дека сме успешни, вели директорката Маховска Шикалеска. Потсетува и на неодамнешниот успех кога школото беше прво рангирано од страна на Фондот за иновативен и технолошки развој.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град