Моќниците глуви на законските одредби, а институциите инертни по поднесените пријави за нелегалните појави од службите на Националниот парк. Додека Министерот за транспорт и врски повикува секој инспекторат да постапува по надлежностите, од општинскиот инспекторат тврдат дека до нив нема пријави за дивоградби во рамките на паркот.
Изградбата на дивоградби продолжува во Националниот Парк „Галичица“, а надлежните институции толерантни кон бесправните градби изградени во Националниот парк.
Бесправно се градело во најатрактивните делови на крајбрежјето како што се населбите Трпејца, Пештани, Велестово, Коњско, Рамне и Љубаништа. Се граделе нелегални објекти во зоната за одржливо користење, но и во строго заштитената зона на паркот.
Од НП Галичица напоменуваат дека се градело и на узурпирано државно земјиште. Оваа национална установа пријавила дванаесет дивоградби во 2021 година и во двата месеци од оваа година. Нелегалните градби ги пријавиле до Општинскиот инспекторат, до Државниот градежен инспекторат, до Основното јавно обвинителство, до Народното правобранителство, до Министерството за животна средина и просторно планирање.
Месец и половина ТВМ Телевизија бара одговор од Општинскиот инспекторат дали добиле пријави и како ќе постапуваат кон дивоградбите во НП Галичица. Добивме одговор дека до Општинскиот градежен инспекторат нема пријави за нелегални градби во Националниот парк.
Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски од Охрид повика сите надлежни институции да постапуваат според надлежностите за да се спречи неконтролираното градење во Охрид, крајбрежјето и регионот кој е под заштита на Унеско. Инспекторите се должни да прават контроли секојдневно и да ги отстрануваат дивоградбите, кажа Бочварски.
Апелирам до институциите сите сме во битката, да овозможиме сите контроли и инспекции од општината, Државниот градежен инспекторат да се на терен и да ги контролираат градбите, да ги санкционираат појавите во Охрид и регионот со заеднички сили да го заштитиме Охрид и регионот. Планот за управување мора да се почитува за да покажеме пред Унеско дека го спроведуваме – истакна Министерот Бочварски.
Невладини организации и граѓани се обратиле до Министерството за транспорт и врски каде што побарале да се направи контрола на терен, за да се спречат дивоградбите, а Охрид, регионот и Езерото да го зачуваат статусот на заштитено подрачје под Унеско.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град