На охридските улици возачите често не даваат предност на брзата помош

На охридските улици  возачите на автомобили често да не дадат предност на возилата на брза помош. Лекарите од оваа служба  велат дека најчесто станува збор за помлади луѓе кои зборуваат на мобилен телефон. Тие при тоа не даваат првенство на минување на возилата на итна помош и покрај вклучените ротациони светла и сирената.

 |  Валентина Неловска  | 

Честа е појавата на охридските улици возачите на моторни возила да ги игнорираат вклучените ротациони светла и сирени на возилата за брза помош. Лекарите од итната медицинска помош посочуваат дека се соочуваат со непријатни попречувања во ургентната задача која имаат и покрај уредно вклучената сигнализација.

„ Најчесто се работи за лица кои истовремено управуваат моторни возила и зборуваат на мобилен телефон. Апелираме секогаш да се даде првенство на возилата на прва помош кога има вклучена ротација или сирена. Утре може да се случи да се работи и за нас и не е во ред некој да не ни даде првенство на минување и да не стигнеме на време каде што е потребно“, посочува д-р Горан Симјаноски раководител  на медицинската  итна помош.

Лекарите укажуваат дека оваа ситуација е резултат на непримерно однесување на помлади луѓе. Тие возат и зборуваат на мобилен телефон ,а при тоа ни слушаат ни гледаат што се случува на сообраќајниот коловоз.

„ Може да речам дека секогаш кога излегуваме на итен повик 1 до 2 возачи ќе се најдат со кој имаме проблем во разминување, преминување или почитување на првенство на минување“, укажува д-р Симјаноски.

Горан Симјаноски, раководителот на итната медицинска помош, вели дека досега официјално не се обратиле до полиција, но неформално разговарале  на оваа тема. Д-р Симјаноски нагласува дека е потребна поголема едукација и подигање на сообраќајната култура на населението за давање на предност на минување на возилата на итна медицинска помош бидејќи од тоа често зависи животот на некој наш сограѓанин.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top