На ниско ниво комуналната хигиена на плажата Канео

Посетители реагираат дека просторот на  една од најатрактивните локации во градот не заслужува таков третман.Надлежните без одговор како ќе се справат со насобарниот смет и оставениот градежен  отпад од поранешниот концесионер на плажата.   

 |  Валентина Неловска  | 

Запоставена е јавната хигиена на крајбрежниот простор под црквата Канео. Посетители реагираат дека просторот на една од најатрактивните локации во градот не заслужува таков третман. Расфрлани штици од делови од поранешните платформи кои ги користел концесионерот на плажата, бетонски парапетчиња, преполни метални корпи и расфрлани отпадоци е сликата со која се соочуваат туристите кои доаѓаат по сувоземниот пат кој води покрај крајбрежјето под црквата Канео.

ТВМ Телевизија се обрати до „ЈП Охридски Комуналец“ со прашање зошто не ги празнат корпите со отпад и не ја одржуваат јавната хигиена на просторот. Одговорот е дека нивното претпријатие на овој простор нема поставено корпи.

Следствено на тоа не го подигаат отпадот од садовите кои ги поставил поранешниот концесионер на плажата. Одговараат дека не се во можност да постигнат на огромната територија на градот и на крајбрежјето да го расчистуваат отпадот што непрописно го одлагаат посетителите. За неподигнатиот градежен материјал не упатија одговор да побараме од Општинскиот инспекторат дали по решението кое го доставиле до поранешниот концесионер во меѓувреме констатирале враќање на просторот во првобитна состојба, дали се одстранети корпите за отпад и градежниот материјал.

Дали Општинскиот инспекторат има направено увид во комуналната хигиена на јавната површина на просторот од поранешната плажа Канео?

Кој треба да постапи доколку поранешните концесионери на плажата не ја вратат во првобитна состојба јавната површина со отстранување на градежниот шут, сите штици , бетон и корпи за отпадоци, се прашањата кои ги упативме до Општинскиот инспекторат преку одделението за односи со јавност при Локалната самоуправа.

Иако, ова одделение работи во две смени поради корона вирусот, до затворање на Дневникот, не добивме одговор.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top