На каналот Студенчишта со бавно темпо се одвиваат градежните зафати

На каналот Студенчишта со бавно темпо се одвиваат градежните зафати.

 |  Валентина Неловска  | 

На каналот Студенчишта со бавно темпо се одвиваат градежните работи за изградба на пешачката патека. Покрај патеката во должина од 500 метри, со овој урбан проект се уредува и коритото на помалиот канал, предвидена е изградба на двометарска платформа од десната страна на каналот, како и два мостови и два видиковци. Пешачката патека од мостот до Билјанини извори е затворена за користење од започнувањето на градежните зафати во октомври минатата година, што значи дека на предвидените содржини во овој проект се работи скоро 8 месеци. Истиот, градот ќе го чини околу 300.000 евра.

За ТВМ, пред три и пол месеци од ЛС најавија позасилено темпо на работата на каналот, но од она што се гледа на терен може да се заклучи дека работите се одвиваат бавно. Нејасно е дали одложувањето на локалните избори го успори и темпото на градба на омилената пешачка патека на охриѓани. Нашата камера денес забележа дека, од последната регистрирана снимка на 11 февруари, досега се поставени само трупци покрај каналот и е дограден еден мал дел од речното корито од помошниот канал.

За волја на вистината, до почетокот на туристичката сезона најавувано беше ставање во употреба само на пешачката патека, додека комплетната реализација на овој проект е 12 месеци, односно истиот треба да биде завршен до октомври 2017г.
На нашето прашање како се одвиваат работите и кога ќе биде пуштена во употреба патеката, портпаролот на општина Охрид за одговор не упати до надлежните служби. Се обидовме да го исконтактираме секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески, кој пак не се одважи да одговори на нашите повици, ниту на нашите СМС пораки.
Остана нејасно и зошто не вродија со плод инсистирањата на Градоначалникот и раководните лица во Секторот за комунални дејности да се интензивираат градежните активности со цел поскоро од планираното да биде завршена оваа пешачка патека.

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top