Потребна санација на Музејот на вода кај Градиште

Наскоро ќе се санираат поситните оштетувања, а ќе следуваат покрупните градежни зафати по туристичката сезона. На Самоилова тврдина, пак ќе има археолошки доистражувања на неколку градби.

 |  Валентина Неловска  | 

Музејот на вода кај Градиште се наоѓа во многу лоша состојба. Финансиски средства за поправка на музејот на вода се побарани од ресорното министерство уште минатата година, а се одобрени годинава во висина од 500.000 денари. Наскоро ќе се санираат поситните оштетувања на музејот, а покрупните градежни активности ќе следуваат по туристичката сезона, информира Мишко Тутуткоски, директор на НУ Завод и музеј.

„Таму санацијата ќе подразбира многу различни зафати, да се зајакне статиката на мостот, приодната платформа до Музејот на вода, има унишетни делови од инвентарот, проблем има и со крововите на куќичките, оградата околу музејот. Тие елементи ќе треба да ги санираме оваа година. Има проблем и со дотраеноста на дел од видиковците, таблите од дрво кои се уништуваат под влијание на атмосферските влијанија и треба да се одржуваат“.

Директорот напоменува дека ќе има и други зафати на инфраструктурата кои не се видливи. Има дотраена водоводна и електрична инсталација, пумпи за вода кои мора да се заменат. За тоа ќе бидат пренаменети финансиски средства од други проекти и ќе се вложат сопствени финансиски средства за музејот да биде целосно безбеден за посетителите и да биде естетски на ниво. Санацијата на Заливот на коските е приоритет на НУ Завод и музеј, но ќе се работи и на Самоиловата тврдина. Таму ќе продолжат археолошки доистражувања на неколку градби.

„Оваа година на Самоилова тврдина има археолошки доистражувања во јужната половина на цитаделата, една градба која веројатно е на Џеладинбег и треба да се доистражи. Следната година во програмата која ја работиме сега, ќе бараме средства за конзервација на сите градби кои се откриени во Самоилова тврдина, а досега не се конзервирани. Не се многу, тоа се 3-4 градби и нема да се голем финансиски трошок за реализација. После ќе пристапиме кон финална презентација на самата тврдина“.

На Самоилова тврдина сега недостасуваат содржини од видот на информативни табли па се планира да се постават табли и патеки за движење на посетителите. Локалитетите Заливот на коските и Самоиловата тврдина се двата најпосетувани археолошки локалитети во Охрид. НУ Завод и музеј остварува значајни приходи од посетите на гостите на овие два атрактивни објекти.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top