Македонските алпинисти ќе имаат содржаен викенд во Охрид

Алпинистичката македонска федерација ќе ги додели наградите  за најуспешните спортисти. За љубителите на планинарењето и алпинизмот ќе бидат презентирани  најзначајните достигнувања, а ќе има и проекции на филмови од планинскиот фестивал Ехо со што овој  специфичен спорт ќе се доближува до јавноста. 

 |  Валентина Неловска  | 

Охрид ќе биде домаќин на Македонската алпинистичка федерација, а спортистите ќе реализираат богат алпинистички викенд. Љубителите на овој специфичен и екстремен спорт ќе се искачуваат на планината Галичица и ќе се прикажат филмови од планинскиот фестивал Ехо, а вечерва ќе ги презентираат врвните достигнувања и ќе се доделуваат награди. Алпинистичката македонска федерација ќе ја додели наградата Јован Ангелов Циго за најуспешниот алпинист во 2018 година, за најуспешната наврска и за млад алпинист. Македонските алпинисти во текот на 2018 имале успешна година, информира Антонио Додески претседател на охридскиот АК Патагонија.

„Благодарение на поддршката и интересот на Агенцијата за млади и спорт успеавме да организираме значајни активности. Кадровски акции за искачување во Италија, Франција, Словенија на Алпите и Доломитите. Дел ќе бидат презентирани на вечерашниот собир. Нашиот клуб Патагонија ќе ги презентира возобновувањето на планинската куќа на Галичица и напорите заедно со ОО на ЦК за организирање на спасувачка служба на планина, како  и проектот „Охридското езеро безбедна дестинација за авантиристички туризам“, инфромира Додески.

Во Македонија има 8 алпинистички клубови меѓу кои е и охридскиот клуб Патагонија. Станува збор за специфичен спорт кој нема многу членови во Македонската алпинистичка федерација, но со презентациите кои ќе се случуваат вечерва и утре сакаме да се доближиме што повеќе до љубителите на природата и планините, напоменува Додески.

„Се повеќе луѓе се стремат да се движат на планина. Алпинизмот е потежок спорт кој бара сериозна едукација и опрема. Затоа е малку застапен во Македонија како организирана форма“, напоменува Додески.

Утревечер, во 20 часот на Универзитетот за информатички науки и технологии Св. Апостол Павле ќе се одржи проекција на филмови од планинскиот фестивал Ехо. Оваа манифестација, претставува одлична можност за запознавање со активностите на Македонската алпинистичка федерација и нејзината мисија за промоција и развој на алпинизмот во Македонија, информира Антонио Додевски, Претседател на алпинистичкиот клуб Патагонија од Охрид.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top