Лице од Велешта ја злоупотребило дозволата за движење за време на полициски час

Дозволата му важела само за атарот на селото а него полицијата го затекнала на булевар Туристичка во Охрид. Не биле  регистрирани собирања на граѓани, кражби и сообраќајни незгоди

 |  Валентина Неловска  | 

Стабилна е безбедносната состојба на подрачјето на седум општини кои ги покрива СВР Охрид. Полициските службеници во изминатото деноноќие затекнале две лица кои го прекршиле полицискиот час. Синоќа околу 18 часот, во полициската станица во Струга, пријавено е нарушување на јавниот ред и мир, со карање и оштетување на предмети, извршено на улицата „Елпида Караманди“ во Струга, а друго лице е приведено во Охрид на Булевар Туристичка,информира Стефан Димоски портпарол на СВР Охрид.

 „Во текот на вчерашниот ден околу 17 часот, при извршена контрола на булеварот „Туристичка“ во Охрид, затекнато е лицето Б.К. (27) од струшкото село Велешта кој, извршил злоупотреба на добиената дозвола за движење, со важност само за атарот на селото. Тој е приведен и против него ќе биде поднесена кривична пријава по член 206 согласно Кривичниот зaконик.

Службениците на СВР Охрид ќе бидат на терен и затоа упатуваат апел до граѓаните, строго да ја почитуваат одлука на Владата за забрана за движење за сите граѓани на целата територија, секој работен ден, од понеделник до петок, од 16 часот до 05 часот наредниот ден и за време на викендот што следува, од петок од 16 часот па се до 05 часот во понеделник.

Ги замолувам граѓаните да се придржуваат до одредбите.Се наоѓаме во мошне сензитивен период и со почитување на мерките сите да го пребродиме овој тежок период. Сите прекршители на одредбите ќе бидат санкционирани“,апелира Димoски.

Граѓаните може да ги пријавуваат сите несовесни лица кои ги не ги почитуваат и ги кршат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192. Лицата кои ќе ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик, потсетува  Димоски портпаролот на СВР Охрид.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top