Бавно се случуваат промени кон подобро во сите сфери на социјалниот живот на лицата со попреченост, укажуваат од здруженијата за заштита и подобрување на нивните права. Општина Охрид ќе дава и понатаму поддршка за обезбедување на достојни услови за живот на овие лица, порача охридскиот градоначалник Кирил Пецаков по повод 3-ти декември Светскиот ден на лицата со попреченост.
Лицата со посебни потреби сеуште се оставени на маргините на нашето опшетството. Во нашата земја има училишта и институции без соодветен пристап за лицата со попреченост, нема приспособени јавни тоалети и превоз, нема дневни центри за згрижување на лица со попреченост од сите категории, нема регистер на лица со попреченост и не се знае нивниот точен број, нема лични асистенти за социјални услуги. Ова се само дел од неповолните состојби пред кои се исправени семејствата и лицата со попреченост кога се одбележува 3-ти декември Светскиот ден на лицата со посебни потреби. Весна Габелоска од здружението ВОПС констатира дека кај нас промените за подобрување на сите сфери од животот на овие лица се случуваат многу бавно.
Пред десет години Македонија ја ратификуваше Конвенцијата за правата на лица со попреченост и се промовираа еднаквост на централно и локално ниво.10 години подоцна, можам да кажам, дека поместувањата се во милиметри. Во Охрид има образовни асистенти и направен е чекор кон инкулзија, но не за сите категории и треба да се работи уште многу – истакна Габелоска.
Постојат седум категории на лица со попреченост, а меѓу нив се и лицата со ретки болести. Гордана Лолеска, од здружението „Живот со предизвици“ напоменува дека општина Охрид со години наназад доделува стипендии за ученици од најразлични категории кои ги исполнуваат критериумите.
Треба да се има предвид дека во општина Охрид студираат лица со ретки болести на кои им треба поддршка за да го продолжат образованието и да се дел од општеството и да не зависат од бенефициите на државата – вели Лолеска.
„Општина Охрид во континуитет ги поддржува лицата со посебни потреби, а и понатаму ќе им дава поддршка за да се овозможат социјални правда и сигурност са овие лица и за нивните семејства. Продолжуваме да ги финансираме двата центри за дневен престој Зраци и Доброљубие, ќе поддржиме нов дневен центар за престој на лицата со церебрална парализа, ќе доделуваме стипендии и други проекти“, кажа градоначалникот на Охрид Кирил Пецаков.
За претстојната 2022 година со средства од општинскиот буџет е планирана имплементација на проектот персонален асистент за лицата со потешки и најтешки форми на попреченост. Ангажирање на лични асистенти на лицата со тешка нарушеност на мобилноста и овзоможување помош на овие лица и семејствата со домашни услуги – додаде Пецаков.
Градоначалникот најави и учество на сите меѓународни проекти за добивање финансии со кои ќе се отстрануваат бариерите за лицата со попреченост и да имаат поголема мобилност и пристап до институциите.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град