Ќе се збраимат ли Охрид и Нови Пазар?

Советниците од српскиот град Нови Пазар веќе дале согласност за воспоставување на соработка со Охрид. Двата града ќе соработуваат на туристички, културолошки и економски план.

 |  Валентина Неловска  | 

Охридските советници наскоро ќе одлучуваат дали ќе дадат согласност за потпишување на договор за збратимување на Охрид со Нови Пазар, кој се наоѓа во јужниот дел од Србија. Нови Пазар е главен економски и културен центар, како и најголем град во јужниот регион Санџак со 120.000 жители, а срцата на новопазарци ги освоиле 20-тината млади охриѓани од Акцијашкиот клуб Брег на Младоста кои биле дел од 150 акцијаши од поранешните ЈУ републики, а кои учествувале на работна акција во Рибариќи кај Нови Пазар.

„Поттикнати од работливоста, ентузијазмот и дружењето со младите акцијаши од Охрид, општина Нови Пазар посака да се збратими со општина Охрид. Во октомври едногласно 40 одборници од градскиот одбор донесоа одлука Нови Пазар да се збратими со Охрид“, вели Зоран Стевоски, ветеран на АК Брег на младоста.

Охрид има голем број на повелби со кои потпишал збратимување со градови од Европа, светот и соседството. Од 1977 година кога за прв пат е потпишан договр за збратимување со Крагуевац, Охрид има соработка со 15 држави од Европа и светот. Договори за збратимување има со 9 градови од светот, а 11 протоколи за соработка. Најголем број на збратимувања има со градови од соседството, вели Томе Џамтоски, портпарол на општина Охрид .Тој појаснува кои се и придобивките од ваквиот начини на соработка. 

„Ваквиот начин на функционирање на соработка е доближување на Охрид до тие градови и преставување на нашата култура. Верувам дека се остваруваат бенeфити во сите области од спорт, обрaзование, култура, туризам. Најголем бенефит е тоа што Охрид се презентира до граѓаните од збратимените грдаови и тоа е еден вид бесплатна промоција на нашите туристички капацитети и богатото културно историско наследство, со што би се зголемиле туристичките посети“, вели Џамтоски.

Сега на потег се охридските градски избраници  да дадат виза за поврзување на двата града кои имаат заедничка врска – листата на заштитени подрачја на Унеско, вели Стевоски. Охрид и Нови Пазар се на списокот на светско културно наследство – Нови Пазар со тврдината Стари Рас, кој е комплекс кој се наоѓа во близина на градот, а се состои од црква, манастир и тврдина.
Нови Пазар е град со силна економија, посебно развиен во во текстилната индустрија. Нивна желба е во 2020 година, со нивни акцијаши да се приклучат на работната акција во Охрид.

Инаку, на Свечената академија по повод прославата на „Св. Климент Охридски“ патронатот на градот, во Охрид допатува делегација од Нови Пазар предводена од градоначалникот Бихат Бишевац, кој оствари средба со охридскиот градончалник.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top