Средно стручно образование

Како до унапредување во средното стручно образование

„Унапредување на средното стручно образование“ беше тема на настанот што денес се одржа во Охрид во организација на Министерството за образование и наука, a со поддршка на Општина Охрид.
 |  Маја Савиќ  | 

„Унапредување на средното стручно образование“ беше тема на настанот што денес се одржа во Охрид во организација на Министерството за образование и наука, a со поддршка на Општина Охрид. Во своето поздравно обраќање охридскиот градоначалник Кирил Пецаков истакна дека ја поддржува секоја промена што е во насока на општествен напредок, па оттука неминовно е да се применува дуалното образование во стручните училишта со цел квалификуваните кадри да можат да се вработуваат во компании во својата земја. 

 Унапредувањето на средното стручно образование е тема што максимално го одвлекува вниманието на секој поединец или институција кои сакаат и се стремат кон напредок и прогрес на државата. Се тече и се се менува, а ние доколку сакаме да одиме во чекор со современиот Свет и да обезбедиме подобра иднина на нашата младина мора да ги прифаќаме промените во образовниот систем. Токму затоа Општина Охрид секогаш застанува и ги поддржува  промените кои обезбедуваат поголем развој и општествен напредок. Неопходно е формалното образование да се прилагоди на потребите на пазарот на труд. Училиштата мора да продуцираат стручни кадри какви што бараат компаниите, а тоа е можно само со училишна- теоретска, но и практична настава во компаниите. Моделот на дуално образование, четврта година по ред се реализира во Електро машинскиот училишен центар „Св. Наум Охридски“. 196 ученици веќе се добро обучени и како квалификуван кадар може својата професија да ја започнат во некоја од партнер компаниите каде оделе на практична настава: „Костал“, „ОДВ- Електрик“, „ЛТХ – Лераница“, а од неодамна и во „Магна“. Во тековнава школска година дуално образование се воведе и во Државното Средно училиште „Ванчо Питошески“, а од наредната дуални паралелки ќе има и во Средното училиште „Св. Кирил и Методиј“.

Јас очекувам дуалниот начин на образование да обезбеди поголема атрактивност на стручните училишта кај идните средношколци, кои ќе бидат добро обучени и професионални кадри за потребите на индустријата. Платените работни места ќе значат добра иднина за младите кои наместо да заминуваат ќе остануваат во сопствената земја. Токму затоа го поддржуваме и поздравуваме дуалниот начин на образование и максимално во рамките на своите надлежности работиме на унапредување на средното стручно образование. Инвестираме многу средства, труд и време за унапредување на сите сфери во образованиот процес и на тој начин вложуваме во нашата иднина. Започнати се многу проекти за подобрување на условите за реализација на наставните програми. Интензивно се работи на создавање  услови за изградба на нова училишна зграда во ОУ “Братство Единство“, спортска сала ќе добие ОУ „Ванчо Николески“ во Лескоец. Во фаза на проектирање е проектот за изградба на нов објект во ОУ „Григор Прличев“. Средното  економско училиште наскоро ќе добие нова енергетски ефикасна фасада. Внатрешно и надворешно ќе се уредува гимназијата „Св. Климент Охридски“, а лифт ќе добие ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“. Со средства во вредност од околу 1 милион евра ќе се реконструираат три охридски основни училишта: „Христо Узунов“, „Св. Климент Охридски“ и „Братство и Единство“ во Лескајца. Посветено и одговорно работиме на подобрување на условите за образование на нашите деца на кои останува нашава земја – рече градоначалникот Пецаков.

Министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој беше дел од настанот посочи дека ресорното министерство работи на подобрување на средното стручно образование. Според него се спроведува анализа за да се утврди соодветноста на постојните образовни профили кои ги нудат училиштата, како и потребите од нови профили кои им се потребни на компаниите, но не се вклучени во наставните програми.

Целта на денешната средба е да ја продискутираме потребата од стручни профили кои недостигаат во овој регион со намера уште за наредната учебна година во стручните училишта да формираме паралелки чии ученици покрај теоретски ќе се обучуваат и практично односно ќе одговараат на потребите на компаниите. Со компаниите, училиштата и општините дискутираме за потребата од одредени стручни кадри. Заедно со други мерки, стипендирање, гарантирано работно место, пост дипломски студии и слично настојуваме да ги привлечеме младите да се запишат во средно стручно училиште – подвлече министерот Шаќири.

Наташа Јаневска од Стопанската Комора на Р. Македонија изрази надеж дека со вакви кампањи се разбива стигмата дека 80 % од луѓето во нашата земја се долгорочно невработени токму затоа што нема доволно стручен кадар.

Ние секоја година правиме анализи врз основа на кои дознаваме дека компаниите навистина имаат недостаток на кадар 65 % не одговорија, што значи дека сериозно мора да работиме на оваа проблематика. Оваа кампања ја работиме две години и за тој период имаме сериозно приближување меѓу бизнис секторот од една и образованието од друга страна – истакна Јаневска.

На настанот поздравни обраќања имаа претставници од платформата за јавен приватен дијалог и од центарот за стручно образование и обука. Пред присутните се одржа презентација  на Анализата на податоци за соодветноста на постојните и потребните профили за работа. На случувањето присуствуваа претставници од Центарот за стручно образование и обука, претставници од компании, директори на средни стручни училишта и претставници од меѓународни организации. 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top