Јасна Ристеска во ослободувањето на Охрид загинала трагично на ридот Чекоштина

Јасна Ристеска во ослободувањето на Охрид загинала трагично на ридот Чекоштина.

 |  Валентина Неловска  | 

Денес, Охрид го слави 7- ми Ноември, денот  на ослободувањето. Пред 72 години, во партизанскиот напад врз германските  војски, на 7 ноември 1944 година меѓу борците кои учествувале во нападот била и младата партизанка Јасна Ристеска.  Јасна  е родена во село Рамне во 1927 година, а  загинала кај Чекоштина.  За 17 годишната девојка, денес  малкумина охриѓани знаат каде е точното место на нејзината погибија.

На трагичниот настан од Втората Светска војна, денес  живо се сеќава Стојан Стојаноски, од село Орман, тогаш момче на 13 години. Стојаноски раскажува дека  селаните по збегот и германското гранатирање на Чекоштина, Орман, Лакочереј, другиот ден на Митровден, со запрежни воловски и коњски коли ги собирале мртвите тела на партизаните расфрлани  во околните лозја низ Чекоштина. Телата на Јасна и нејзините соборци паднале  на една чистина во некогашното лозје на Василевци.

„Глетката беше страшна. Покрај ѕидот на една колибка од северната страна лежеа 3 машки трупови и една женска. Главата скоро и беше откината. Ги ставија 4-те леша во кола, а дел од главата беше расфрлена. Во овој дел во Чекоштина беа расфрлани  делови од главта, перчиња од косата, светли руси коси. Старите ни наредија да ги собираме перчињата и да ги ставаме во колата. Деловите ги  собиравме јас и моите другари и ги ставивме покрај телото на Јасна Ристеска“, раскажува Стојаноски.

Приспомнувајќи си за тие  трагични  мигови од ослободувањето на градот, Стојаноски вели дека никој од нив во тој момент не знаел чие е телото на  младата девојка, постара само неколку години од него и неговите другари.

„Ние не знаевме која е  Јасна Ристеска. После разбравме дека била таа, девојка  на 17 години и била од Рамне. Претходно била слуѓинка кај некои богати луѓе во Охрид и земена во партизани за да биде болничарка“, раскажува Стојаноски.

Стојаноски се сеќава дека покрај телото на Јасна Ристеска биле и телата на  тројцата борци смачкани од германските гранати. По околните ритчиња низ Чекоштина имаше  и многу други  мртви тела на борци, се присетува на тој период Стојаноски. На денот на ослободувањето на Охрид животот го положија 52 партизани.    

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top