Изменети локациите на две гласачки места во Охрид

На претстојните локални избори охридските избирачи од две гласачки места ќе гласаат на изменети локации. Сите жители со право на глас од  улицата Лазо Трпоски сега ќе гласаат во музичкото училиште. Гласачите кои претходно гласале во пожарна овој пат ќе гласаат во централното училиште Братство Единство. 

 |  Валентина Неловска  | 
ДИК

Подрачното одделение на Државната изборна комисија ги привршува сите подготовки за претстојните локални избори. Охриѓани ќе гласаат на 88 избирачки места од кои 86 избирачки места остануваат на истите локации додека за две ќе има измени. Гласачите од улицата Лазо Трпоски и граѓаните од избирачкото место 1256 во објектот на пожарна на локалните избори своето граѓанско гласачко право ќе го остварат на други локации, информира Марга Димковска, раководителка на ПЕ ДИК.

Гласачите запишани избирачкото место 1256 ќе гласаат во основното училиште Братство Единство, во централното училиште на улицата 7 ми Ноември. Тоа е една адресна промена, а со промена од опис има измена на избирачкото место  1274. Во тоа избирачко место се додаваат сите запишани избирачи од број еден до крајот на улицата Лазо Трпоски кои влегуваат во состав на избирачкото место 1274 и ќе гласаат во просториите на музичкото училиште – истакна Димковска.

Измената на двете гласачки места следувале затоа што просторите не соодвествувале на условите за заштита од ковид 19. Биле со мала квадратура која не ги исполнувала критериумите да ги прими членовите на Избирачките одбори, набљудувачите и гласачите за кои во секоја просторија има по два паравани за гласање. 

Според ковид мерките на денот на гласањето е задолжително носење на заштитна маска за Избирачкиот одбор и за сите кои ќе гласаат, задолжително одржување на дистанца, влез на избирачкото место по двајца. Мора да се запазат препораките на сите гласачки места, кои се со поголема квадратура од вообичаеното, а треба да има провев и отворена врата – додаде Димковска.

Во деновиве, следува испорака на избирачкиот материјал во Општинската изборна комисија според календарот на Државната избирачка комисија.

Во општина Охрид во единствениот избирачки список има запишано вкупно 52 477 избирачи, а во општина Дебрца со право на глас се евидентирани 4350 гласачи кои своето избирачко право ќе го остварат на 25 избирачки места.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top