ICS системи : Бандерата на „Питу Гули“ е безбедна, граѓаните да не се плашат

„Не сме задолжени за менување на уличните столбови туку само за менување на светилките“, информираат од ICS системи компанијата за одржување на јавното осветлување. Појаснуваат зошто импровизирале при поправката на уличниот столб на улицата Питу Гули каде жиците и куќиштето на приклучокот беа прицврстени со самолеплива лента, што наиде на критики од граѓаните.

 |  Валентина Неловска  | 

Јавноста упати критики за начинот на кој беше санирано уличното осветлување на улицата Питу Гули, а за кое реагираше наш гледач во рубруката „Ти си твојот град“. Коментарите се однесуваа на импровизираната поправка на столбот кој беше обвиен со самолеплива лента. Од  ICS системи компанијата која се грижи за јавното осветлување, кои се во јавно приватно партнество со општина Охрид, информираат дека тоа било привремено решение. Веднаш ја отстраниле лентата, но куќиштето на приклучокот морале да го врзат со жица затоа што не можел да се затвори со штраф за бетонскиот столб. Укажуваат зошто применуваат вакви решенија. Повеќе ги нема бетонските бандери кои се стари преку 45 години, а се поставени во 70те години на оваа и на улиците Јане Сандански и Партизанска. Веднаш штом пронашле ваков стар тип на бандера, од веќе заменетите на Кеј Македонија, ја поставиле на оваа улица за да биде во склад со останатите бетонски столбови.

Улицата Питу Гули е прометна, направивме застој во сообраќајот со нашата дигалка. Моравме да го импровизираме  кабелот во моментот. Другото утро кабелот е саниран и ставено е црево. Капакот мораше да се врзе затоа што ниеден штраф не може да се монтира на бетонската бандера. Ако се залепи ние ќе немаме пристап до осигурачот. Се како што е направено е безбедно и нема потреба граѓаните да се плашат – истакна Марио Јованоски од ICS системи.

Нивната компанија нема обврска да ги заменува уличните столбови кои се уништуваат најчесто во сообраќајни несреќи.

Наша обврска е старите светилки да ги замениме со нови како сервис на уличното осветлување и јавно приватно партнерство со општината. Ние поставуваме осветлување каде што воопшто нема улично осветлување. Имавме обврска да поставиме нови на 620 улици во Охрид кои се завршени до денес. Не е наша обврска да ги заменуваме постоечките столбови  – додава Јованоски.

Од ICS системи за осветлување информираат дека досега ниеден граѓанин не бил тужен од нивна страна за уништен столб од уличното осветлување иако имаат право на тоа. Ние сме професионални и максимално толерантни кон општината и граѓаните, напоменуваат од компанијата за одржување на јавното осветлување.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top