Граѓански активисти спроведоа акција за чистење на брегот во Далјан

Собраа над 50 вреќи ѓубре исфрлено од езерските води и депонирано од несовесни граѓани. Активистите напоменуваат дека се почесто им се приклучуваат и еколошки освестени граѓани кои живеат во населбите каде што се чисти. 

 |  Валентина Неловска  | 

Охридската населба Далјан е почиста со 50 вреќи собрано ѓубре фрлено од несовесни граѓани. Дваесеттина волонтери, еко активисти од „Чист Охрид“, „Не биди ѓубре“, „Енхелеус“, „Охрид СОС“ спроведоа акција на потегот од кампот „Партизан“ до Извидничкиот центар, за чистење на ѓубре и цврст отпад од брегот и јавните површини. Собрани се големи количини отпад депонирани на несоодветно место од несовесни граѓани на крајбрежјето на Охридското Езеро, напоменува Бобан Трпески од „Чист Охрид“.

Беа собрани над 50 вреќи, најмногу од облека и обувки оставени од диви кампери кои престојувале на овој потег во летните месеци. Не очекувавме да најдеме толкава количина отпад. Претходно имаше акција од „Охридски Комуналец“ и други активисти на истото место – истакна Трпески.

Еколошките активисти укажуваат дека институциите треба да реагираат навреме да постават садови за отапад, да нема диви кампери и доаѓање  возила кои истовараат градежен шут. Трпески напоменува дека во вчерашната акција им се приклучиле граѓани кои не сакале да бидат само посматрачи од страна.

За разлика од други акции, на оваа акција имаше локални жители кои покрај морална поддршка активно се вклучија во истата и ни помогнаа онолку колку што можеа – додаде Трпески.

Волонтерите ваквите еко акции ги спроведуваат најмалку еднаш во месецот на иницијатива од граѓаните, а отворени се за соработка со сите граѓани.  За жал, досега еко активистите немаат соработка со Урбаните заедници од градот, додека пак наидуваат на поддршка за секоја акција од ЈП „Охридски комуналец“. 

 

 

 

 

 

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top