Годинава се одбележува јубилеј 3 децении од масовната организација на градското пристаниште. На Богојавленскиот водосвет се очекуваат голем број гости. Хотелиерите и годинава ги намалија цените на сместувачките капацитети, а новина е што за проследување на манифестацијата ќе има обезбеден простор за лицата со посебни потреби.
Охрид започна со подготовките за црковната и граѓанската прослава за одбележување на празникот Богојавление-Водици на 19 јануари. На големиот црковно-народен собир во Охрид и годинава се очекуваат голем број посетители. Тие ќе го проследат скокањето по светиот крст и осветувањето на водите на Охридското Езеро. За празнувањето да протече беспрекорно во организацијата на манифестацијата Водици се вклучени покрај МПЦ и Локаланата самоуправа, јавните претпријатија, Црвен крст. Верскиот дел согласно православните начела го спроведува Дебарско – кичевската епархија при МПЦ, а граѓанскиот го координира општина Охрид. За таа цел се планираат сите детали за што посодржајно и безбедно одвивање на прославата. На денешната прес конференција благодарност до сите кои се вклучени во организацијата упати охридскиот градоначалник Константин Георгиески. Оваа манифестација е од исклучително значење за нашиот град и радост за охриѓани, за нашите гости и православниот свет, кажа меѓу другото во обраќањето Георгиески.
„Празникот е во викенд и очекуваме голем број на гости од земјава и странство. Очекуваме исполнетост на сместувачките капацитети. Со цел да го поддржат Богојавленските чествувања на празникот и да придонесат за поголем број на гости, охридските хотелиери годинава нудат сместувачки капацитет по симболични цена од 15 евра за сместување по ден од 16 јануари до 20 јануари“, истакна на денешната прес конференција охридскиот градоначалник Георгиески.
Од Одборот за организација на прославата за Водици, информираат дека се планираат сите поединости за безбедно одвивање на големиот народен црковен собир. Нуркачите од подводниот клуб Амфора на 16 јануари ќе направат чистење на дел од градското пристаниште каде што ќе се одвива осветувањето на езерските води. Набавена е рибата од која ќе подготвува Охридската рибна чорба која вообичеано се дели на верниците, а се очекува деновиве во близина на градското пристаниште да се постави и неколку тонскиот казан. Покрај вообичаените подготовки за празникот се најавува можност осветувањето на водите да го проследат и лицата со посебни потреби, напоменува Стевчо Маслов од организациониот одбор.
„Кај градската Капетанија заедно со екипите на Црвен крст ќе обезбедиме простор, дел каде што ќе може да пристапат лицата со попреченост. Просторот ќе е ограден и со намена само за тие лица“, подвлекува Маслов.
За безбедноста на капачите во Охридското езеро ќе се погрижат волонтерите од ЦК со 4 тима спасители на вода, 8 медицински тимови и два чамци за спасување на вода. Претседателот на ОО ЦК, Сашо Точков упати апел до лицата кои имаат намера да влезат во водите на езерото.
„Да дојдат да се прегледаат за да ја проверат основната здравствена состојба. Дали може да влезат во студените води на езерото. Претпоставуваме дека температурата на водата ќе е околу 6 до 7 степени целзиусови. Денес измерената температура е 6,5 степени, водата е прилично студена“, укажува Точков.
Во црковното одбележување на Водици, пак свети литургии ќе се одржат во црквите Св. Никола Геракомија во Варош, Св. Георги Победоносец во Влашка Мала и Св. Богородица Каменско, Месокастро. Пријавувањето на скокачите по светиот крст ќе почне во следните денови, вели отец Илче Ристески од МПЦ.
„Утринските литургии почнуваат во 7 часот, а литиите ќе тргнат во 9 и 45 каде што од градското пристаниште ќе се изврши голем Богојавленски водосвет и ќе се положи чесниот и животворен крст во водите на Охридското Езеро“, напомена Илче Ристески од МПЦ.
Прославата на Водици ќе биде пропратена со музички содржини па така на 18 јануари ќе пее Балканската мега музичка ѕвезда Петар Грашо. За одбележување на Св. Јован Крстител или Денот на рибарите на 20 јануари , пак на градскиот плоштад ќе пее Миле Кузманоски.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град