Еко-фап функционираат од душа за почист Охрид

Членовите на здружението Еко-фап го поминуваат слободното време во собирање на отпадот што зад себе го остваат несовесни граѓани и посетители на охрид. Со нивните еко акции досега расчистиле со тони разни видови отпадоци на разни локации во градот и околината. Целта на оваа еко дружина е да  проработи свеста кај граѓаните дека до секој поединец е дали како заедница ќе живееме цивилизирано или ќе се давиме во отпад. 

 |  Валентина Неловска  | 

Членовите на Здружението Еко-фап го обелуваат образот на охриѓани. Ентузијастички расчистуваат и подигаат разни видови отпад и шут низ делови од градот и околината. Општествено одговорните охриѓани се луѓе кои се дел од пловидбената флота и од туризмот. За идејата со еко акциите велат дека биле потикнати од коментарите од странските гости. Нивните забелешки се дека од Охрид не виделе поубаво место, но дека му недостасува хигиена и свест на населението за да не фрла ѓубре насекаде и да не се нагрдува животната средина, раскажува Горан Устијаноски, еден од повеќемината членови на Еко-фап.

„Ние сигурно нема да направиме се. Ние веројатно ќе извлечеме само капка од морето. Важна ни е идејата, да ја промовираме, да бидеме присутни во јавноста дека има луѓе кои ги санираат ваквите работи со цел да дејствуваме врз оние кои фрлаат ѓубре и нагрдуваат. 5 посто од нив ако спречиме за сите ќе е добро“.

Во здружението Еко-фап засега има над 15 активисти. Сите меѓусебе се пријатели кои несебично се вклучуваат во секоја акција. Грижата за чиста околина ja претвориле во хоби. Велат дека тоа прави да се чувствуваат подобро затоа што даваат пример на младите но и го подобруваат угледот пред туристите кои понатаму го промовираат градот низ светот. Додаваат дека организирањето акција оди брзо затоа што тоа се луѓе подготвени да делуваат во секое време од денот и ноќта. Устијаноски кажува дека во прво време не очекувале ничија помош но постепено и таа почнала да доаѓа.

„На изненадување добивме добра помош од разни луѓе, бизнисмени, засегнати луѓе кои на некој начин ја помогaат нашата акција. Добивме помош при набавка на возилото, при регистрација на камиот, од ЈП Комуналец резервни делови од застарени возила, помошта доаѓа , но ние не притискаме за помош сакаме да функционираме од душа. Целта ние да покажеме дека можеме нешто да направиме со сопствени сили, а се што ќе дојде ќе не унапредува понатака“.

Досега активистите на Еко-фап работеле на расчистување на терените околу Рамне, Пештани, кај паднатите борци , кај Велестово , Студенчишкиот канал, Далјан, Инекс Горица, Љубаништа. Планираат да чистат на непристапен терен кај Велестово. Во недела, пак ќе им се приклучат на младинците од Елшани кои сами се организирале за расчистување отпад од локација во близина на нивното село.

Од Еко Фап порачуваат дека мора да проработи свеста кај граѓаните дека на ѓубрето не му е местото расфрлано по улиците и во природата. До секој поединец е дали како заедница ќе живееме цивилизирано или ќе се давиме во отпад.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top