Едно лице го загуби животот во директен судир на две моторни возила кај Арбиново

Две лица во несреќата се сo тешко повреди, а едно е во критична состојба. Граѓаните  се почесто ја доживуваат оваа сообраќајница како автопат на смртта заради големиот број  на случени несреќи.  Најчести причини за сообраќајките се  неприлагодување на брзината на движење, управување на возило под дејство на алкохол и  зборување на мобилен телефон. 

 |  Валентина Неловска  | 

Едно лице го загуби животот во тешка сообраќајна несреќа меѓу селата Песочан и Арбиново. Две лица во несреќата се тешко повредени, од кои едно е во критична состојба по директниот судир на две моторни возила што се случи синоќа на автопатот во изградба Охрид Кичево. Во несреќата било опожарено возило за достава кое целосно изгорело. Увид на местото на несреќата извршил Јавен обвинител и екипа на СВР Охрид, информира Стефан Димоски портпарол на СВР Охрид. Граѓаните се почесто ја доживуваат оваа сообраќајница како автопат на смртта заради зачестениот број на несреќи и загубени човечки животи. Постојат критични точки на делницата меѓу кои и местото каде што синоќа се случила несреќата. Возачите за оваа сообраќајница реагираат дека е небезбедна и недоволно обележена. Портпаролот на СВР, Димоски, за ова прашање смета дека секогаш има простор за подобрување на безбедноста во сообраќајот на повисоко ниво.

„Сметам дека секогаш постои причина за зголемување на хоризонталната и вертикалната сигнализација на овој патен потег и ќе значи придонес во зголемување на степенот на безбедност на патниот правец кој долго време е во фаза на изградба. Апелирам и од изведувачот на градежните зафати да го зголеми бројот на современи сигнални уреди со кои повидливо ќе ги означи девијациите и ќе е повидливо во ноќните часови“.

Од СВР Охрид информираат дека најчести причини за сообраќајните незгоди на оваа делница се непридржување на брзината на движење пропишана на патниот правец, неприлагодување на брзината на движење спрема условите на патот, управување моторно возило под дејство на алкохол, зборување на мобилен телефон во тек на управување моторно возило. Во текот на 2020 година, кога заради пандемијата беше намалена сообраќајнаат фрекфенција, евидентирани се вкупно 69 сообраќајни несреќи со 33 тешко повредени лица и 2 жртви. А од почетокот на ова година до денес, на патниот правец Охрид Кичево, полициските службеници регистрирале 15 сообраќајни несреќи во кои 10 лица биле тешко повредени а едно лице го загубило животот .

Од почетокот на годинава на овој патен правец се извршени 174 зајакнати акциски контроли кон сите учесници во сообраќајот во кои, 10 возачи биле затекнати како управуваат моторни возила под дејство на алкохол а 58 ја пречекориле дозволената брзина на движење. Контролирани се и автобусите и 44 автобуси се испратени на вонреден технички преглед при што кај еден автобус, констатирани се неисправни уреди за сопирање. Сите овие возачи се исклучени од сообраќај и соодветно санкционирани“.

Портпаролот на СВР Охрид, Стефан Димоски апелира до сите учесници на сообраќајот на крајна внимателност при управувањето со моторните возила и почитување на поставената хоризонтална и вертикална сигнализација.

Изградбата на делницата Охрид- Кичево во должина од само 57 километри се гради 7 години , а беше најавувана како најголем инфраструктурен проект во земјава за да го олесни и забрза транспортот на патници и стока и да го подобри економско -туристичкиот развој на регионот.
Градежните зафати започнаа во февруари 2014 год и се во тек. Последна информација од Јавното претпријатие за државни патишта е дека е извесно повторно пробивање на крајниот рок 30 јуни 2021 година.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top