Општинската организација на Црвен крст ја одбележува „Неделата на борба против гладот“. Во Охрид за среќа нема зголемување на бројот на семејства кои се на работ на сиромаштијата, информираат од Општинската организација на Црвен крст.
Социјално најзагрозените охридски семејства добија хуманитарни пакети. Општинската организација на Црвен крст додели 30-тина пакети со прехранбени производи и средства за хигиена во рамките на одбележување на „Неделата на борба против гладот“ која започна од 16-ти и ќе трае до 22-ри октомври. Хуманитарните пакети содржат продукти според стандардите на Меѓународната организација на Црвен крст потребни за еден месец за четиричлено семејство, информира Сашо Точков, претседателот на охридската организација на Црвен Крст. Хуманитарната организација преку целата година ги помага семејствата во социјален ризик.
Годишно опслужуваме околу 500-600 семејства за најразлични потреби од прехранбени производи, средства за хигиена, лекови и најразлични билети за превоз до Скопје и во странство за операции или онколошки третмани за луѓе кои имаат потреба – истакна Точков.
Традиционално Општинската организација на Црвен крст ја одбележува „Неделата на борба против гладот“ па и оваа година се насочени кон прибирање на прехранбени производи и финансиски средства за обезбедување на хуманитарните пакети. Охриѓани се хумани луѓе, но секогаш може повеќе и подобро. За некого тоа е мала помош, но за социјално загрозените семејства тоа многу им значи. Во Охрид за среќа нема зголемување на бројката на семејства кои се на работ на сиромаштијата во споредба со изминатите години, подвлекува Точков.
Според податоците кои ги имаме има од 500 до 600 семејства кои ги помагаме. Во списоците кои постојано ги ажурираме, има членови кои нашле работа и не се во таа социјално ризична група на загрозени, но има голем број на семејства посебно самохрани родители на кои им е потребна помош – додава Точков.
Денешната донација од хуманитарни пакети ја обезбедија Лајонс Клубот Десарети кои веќе 14 години се вклучени во помош на своите социјално загрозени сограѓани. Исто така, во неделата за борба против гладот се вклучени и жените од Лајонс клубот „Деница“ и маркетите Тинекс, Тамаро, Випс и Миса. Во маркетите има пунктови каде што граѓаните може да остават прехранбени производи или да помогнат со конкретна донација, посочува Сашо Точков, претседателот на ОО ЦК.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град