Димковски го најави повикот за финансиска поддршка за заштита на ознака за потекло

Министерот Трајан Димковски од Охрид го најави   повикот за финансиска поддршка за елаборати за за заштита на земјоделските и прехранбените производи со ознака за потекло,  за гарантиран традиционален специјалитет и со географска ознака. Тој оствари средба со охридските производители на цреши кои од пред три години  „охридската цреша“ успеаа да го добијат првиот регистриран назив со заштитена географска ознака.  

 |  Валентина Неловска  | 

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, денеска беше во работна посета на Охридскиот регион. Оствари средба со дел од производителите на цреши. Во последниве три години има континуирано зголемување на површините со цреши за 23 отсто и зголемување на бројот на баратели за субвенции за цреши, кој е зголемен за скоро 30 отсто. Министерот Димковски посочи дека „охридската цреша“ од 2017 година е првиот регистриран назив со заштитена географска ознака.

„Ние како земја имаме многу домашни земјоделски производи и традиционални специјалитети кои се надалеку прочуени, но досега не беа заштитени по примерот на европските држави. Затоа, си поставивме цел, со средствата од Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за 2020 година во износ од 1,5 милиони денари, да започнеме активности за да ги заштитиме називите на нашите земјоделски производи и традиционални специјалитети“.

Министерот Димковски, порача дека сите кои се мотивирани да го заштитат својот производ, треба да аплицираат на јавниот повик кој ќе трае во наредните 45 дена.

„Ја користам оваа прилика, токму од Охрид да најавам дека денеска е објавен Јавниот повик наменет за финансиска поддршка за изработка на елаборати и спецификации на регистрација за заштита на називот на земјоделските и прехранбените производи со „Ознака за потекло“, „Географска ознака“ и „Ознака за гарантиран традиционален специјалитет““, изјави министерот Димковски.

Максималниот износ за техничката поддршка изнесува 80% од вредноста на трошоците за изработка на елаборат односно спецификација на производот, лабораториски анализи, истражување на пазар и трошоци за контрола и верификација за соодветноста на елаборатот односно спецификацијата со производот, но не повеќе од 300.000 денари. Корисници на техничката поддршка и субјекти кои може да учествуваат во постапката за доделување на средства за техничката поддршка се група на оператори кои се занимаваат со производство, преработка или трговија на ист земјоделски или прехранбен производ без разлика на нивниот правен облик или состав.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top