Група граѓани, жители на ул. „Кузман Капидан“ до Градоначалникот, Секретарот, Советот на Општина Охрид, Инспекциските служби, како и до Комисијата за превземање на мерки и активности за отстранување на дрва на територијата на Општина Охрид, доставиле барање за ургентно санирање на дрворедот на оваа улица. Во барањето се наведува дека дрвата се стари 60-70 години и дека некои од нив се исушени, деградирани и енормно високи. Граѓаните предлагаат да се исече целиот дрворед и да се засади нов, а целиот простор хортикултурно да се уреди, како и да се постават клупи и канти за отпад.
„Образложението во ова барање е дека најголеми проблеми настанале минатата зима по обилните снежни врнежи, при што паднале повеќе гранки и оштетиле дел од покривите и олуците. За да им излеземе во пресрет и на граѓаните ние ќе организираме јавна расправа на оваа тема.“ вели Томе Џамтоски , портпаролот на ЛС.
Од локалната велат дека на петицијата која била доставена до нив биле потпишани дваесеттина жители. Но во разговор со жители на оваа улица денеска дознавме дека голем број од нив не биле консултирани дали поддржуваат една ваква инцијатива. Кај добар дел од нив никој не поминал да собира потписи, а имаше и жители кои воопшто немаа слушнато за такво нешто. Граѓани кои не сакаа да излезат пред камера велат дека во никој случај не се согласуваат со сечењето на педесетгодишниот дрворед. Ќе останеме без природната сенка што и нис, а и големиот број туристи кои секојдневно ја посетуваат Св.Климентовата црква на Плаошник не штити од сончевите зраци, ќе се изгуби автентичниот лик на оваа улица, а и ќе се уништат белите дробови во овој дел од стариот град, коментираат варошани. Дури некои коментираат дека ова се правело за нечии лични интереси, а не за општо добро. Муабетите одат до таму што сметаат дека поединци сакаат да се исечат дрвата за да им се отвори видикот од нивните тераси према езерото, а и за да добијат повеќе паркинг места. Кажуваат дека дрворедот е претежно составен од четинари кои според дендролозите се цврсти и стабилни дрва и нема опасност од нивно кршење или откорнување. Сите овие забелешки жителите ќе можат да ги изнесат на јавната расправа која ќе се одржи во вторник во 13 часот во општинската зграда. Од Локалната ги покануваат сите жители од ул.„Кузман Капидан“ и сите други заинтересирани граѓани да земат учество и да ги изнесат своите аргументи, ставови и размислувања во врска со уредувањето на оваа улица.
„Да ги слушниме нивните размислувања, а понатаму нашата комисија и нашите стручни служби ќе пристапат кон решавање на овој проблем. После јавната расправа ќе се одлучи дали дрворедот целосно ќе се сечи, дали само некои стебла ќе се исечат или само ќе се поткастрат“ вели портпаролот Џамтоски.
Останува сите да видиме што ќе се случи после јавната расправа. Предвидено е на неа да присуствуваат и повеќе експерти од областа на заштита на животната средина и шумарство.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град