Во пресрет на Божик децата на поинаков начин го навестија гоелмиот христијански празник Раѓањето Христово Божик. Изработија честитки со желби за добро здравје и даруваа подароци на болните и вработените во охридската болница. Православните верници вечерва со традиционална посна трпеза го слават Бадник.
Денес, низ охридските улици изостана традиционалната Бадникова поворка од деца кои радосно го најавува Христовото раѓање. Децата годинава на поинаков начин го одбележаа Бадник пеејќи ја песната „Вечниот бог“ и упатувајќи пораки со искрени желби за болните другарчиња и граѓани кои во моментов се наоѓаат на болничко лекување.
„Здравјето не е се, но без здравје нема ништо. Тоа го знаме сите ама нјамногу Вие мои другарчиња, баби и дедовци кои во моментов се наоѓате во болничките кревети. Ние сме со мислите и молитвите со Вас“.
„Многумина зборуваат најефикасна терапија за лекување е другарството и љубовта. Те сакам многу другар, а сигурна сум дека и сите твои другари го прават истото. Едноставно тоа значи дека имам пристап до најдобра лекувачка терапија. Знај дека сум тука да ти помогнам и да ти испратам енергија за да те излекувам. Оздрави што побрзо мое сакано другарче“.
„Радост, љубов и здравје постојано да се гости во 2021 година“.
Летка Филипова од Организациониот одбор на Бадниковата литија информира дека годинава изостанува литијата со која тардиционално се најавуваше Христовото раѓање. За да се запазат мерките за заштита на човековото здравје во пандемијата Божик ќе се дочека со молитва и дарување. За таа цел децата наместо учество во Бадниковата литија изработија околу 300 честитки и даруваа пакетчиња за болните кои се наоѓаат на лекување и за вработените во болничките установи.
„Претходните години децата добиваа подароци за учество во Бадниковата поворка. Годинава децата ги отстапија на социјално загрозените семејства. Направија пакетчиња од овошје и сок и за болните кои се на лекување во болница“.
Во пресрет на Божик, Православните христијани се собираат во кругот на семесјтвото на посна трпеза. Според традицијата домаќинките се трудат да изнесат на маса посен зелник, риба, гравче, сарма, тиква , овошје , костени и ореви. Богатата трпеза останува цела вечер за целата година да биде богата и бериќетна.
Од Македонската православна црква Охридска Архиепископија упатија апел во пресрет и за време на божиќните празници верниците да ги почитуваат мерките за заштита од ковид 19.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град