14 лица со ковид 19 на лекување во охридската болница

На инфективното одделение поголем број од нив се на кислородна поддршка. Од болницата информираат дека засега нема потреба од отворање на модуларната болница.

 |  Валентина Неловска  | 

Во Охрид, во последните 24 часа се регистрирани 20 нови случаи на ковид 19, стои во денешниот извештај на Министерството за здравство, според податоците од Институтот за јавно здравје.

На Инфективното одделение во охридската Општа болница на лекување се наоѓаат 14 пациенти со ковид 19. Од нив 10-мина се на кислородна поддршка, информира директорот на болницата д-р Горан Балевски. Засега, нема потреба од отворање на модуларната болница, а на инфективното и интерното одделение има и стотина прегледи во текот на денот.   

Во Охрид во изминатите 24 часа регистрирани сe 38 оздравени лица. Од почетокот на пандемијата регистрирани се вкупно 7128 случаи на Ковид. Во моментов активни се 392 случаи.

Според денешниот извештај на ниво на државава од направените 5.165 тестови, регистрирани се 813 нови случаи на КОВИД-19 во земјава, а градот Скопје и понатаму е на врвот со инфицирани, односно 549 нови случаи.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top