Денеска на големиот празник Велики поклади – Прочка, градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков присуствуваше на традиционалниот маскенбал во Велгошти ,,Емшири 2022”.
На дечињата им доделивме симболични пакетчиња обезбедени од Месната Заедница со поддршка од Општина Охрид. Децата ги покажаа своите интересни кореографии со кои симболично повикаа на мир, љубов, разбирање и весело детство – напиша Пецаков на фејсбук.
Како и претходните години, така и оваа година, на маскенбалот „Емшири 2022“ можеа да се видат голем број креативно изработени маски. Овој ден е посебен за Велгоштани, а особено за најмладите. Од страна на организаторот беа обезбедени награди за поголемите учесници на маскенбалот „Емшири 2022“ и симболични пакетчиња за малите емширчиња.
Градоначалникот преку фејсбук статус по повод празникот Прочка, упати честитка до сите православни христијани, која што ви ја пренесуваме во целост:
Упатувам искрени честитки по повод големиот христијански празник Велики поклади – Прочка. Со Прочка се поврзани близината и љубовта во семејството, во пријателството, во секое едно познанство. Кој проштева тој љуби, а кој љуби тој е од Бога и Бог е во него. Затоа да ги поддржиме нашите семејства, да ги поткрепиме нашите родители, да ги почитуваме нашите соседи и пријатели. Само така заедно има да градиме светла иднина за сите во Охрид, но и Македонија. Како народ знаеме да простуваме затоа со љубов и радост, во мир и среќа да ги пречекаме пораките кои ни ги носи празникот. Честит празник Прочка!
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град