Нема помош од државата за ангажирање педијатри на детското одделение во Охрид

И понатаму само двајца педијатри обавуваат амбулантски прегледи. Загрижувачка е состојбата и на гинеколшкиот оддел каде што само еден педијатар неонатолог се грижи за здравјето на новороденчињата.

 |  Валентина Неловска  | 

Охридската Општа болница не доби педијатри за да продолжи со работа детското одделение иако помош за надминување на проблемот беше најавена од ресорното министерство. Потребно е засилување на лекарскиот тим со најмалку двајца педијатри за да функционира болничкиот оддел, а охриѓанчињата да не се препраќаат на одделот во струшката Општа болница, вели директорот Горан Балески.

Нема промени на детското одделение. Има само амбулантска служба, а во вечерните часови пациентите одат на детското одделение во струшката Општа болница. Немаме добиено помош нас ни треба педијатар со завршена специјализација – истакна Балески.

Со осипување на специјалистички кадар се соочуваат и другите болнички одделенија. Таков е случајот и со неонатолозите при гинеколошкото одделение на кое од четворица специјалисти сега за здравјето на новороденчињата се грижи само една лекарка. 

Имаме една докторка неонатолог и дежурен анестезиолог за Охрид и Струга. Ги покриваме итните ургентни случаи детската педијатрија, интерно, акутните паталогии – додава Балески.

Во моментов само една лекарка ја прифатила понудената специјализација од објавените три специјализации за охридските лекари. Станува збор за  една од најспецифичните специјализации која не е многу примамлива за лекарите, не само од Охрид, туку и во земјава. Покрај педијатријата и инфектологијата е специјалност за која нема интерес кај охридските лекари.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top