Ќе се реконструира охридската Гимназија

Се прават подготовки за реконструкција на охридската Гимназија. Планирани се внатрешни зафати за подобрување на училишните услови, но и уредување на школскиот двор. Oбјектот е заштитен како недвижно културно наследство и се чека конзерваторско одобрение.

 |  Валентина Неловска  | 

Тече постапка за реконструкција на охридската гимназија. Локалната самоуправа обезбеди средства во буџетот за внатрешно и надворешно уредување. Со градежните активности ќе се подобруваат работните услови и во овој средношколски образовен центар. Секторот за образование е посветен за реализација на овој проект, информира Димитар Спасески, појаснувајќи кои зафати се планираат со проектната документација за  Гимназијата.

Се предвидува промена на електричната инсталација, уредување на ѕидовите, подовите. Има проект за надворешно уредување на гимназијата. Изградба на трим патека околу гимназијата, две училници на отворено и едно спортско игралиште, поставување клупи за седење, хортикултурно уредување и ограда околу гимназијата – истакна Спасески.

Од секторот за образование при Локалната напоменуваат дека интензивно работат на изготвување на документацијата, а нивна желба е зафатите да почнат оваа година. Од програмата за средно образование за реконструкцијата се предвидени средства во висина од 24 милиони денари. Објектот на гимназијата е под заштита на државата и за реконструкција се потребни и дозволи од Завод и музеј и Управата за заштита на културното наследство.

Тие проекти се доставени до Завод и Музеј – Охрид. Откако се проверија според  нивните процедури се препратени во Управата за заштита на културно наследство и чекаме конзерваторско одобрение. Паралелно се работи и на решавање на имотно- правните односи за дворот на гимназијата. Посветени сме да се реализира овој проект – вели Спасески.

Минатата година, заврши проектот за реконструкција на ЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ за што беа обезбедени средства од Локалната самоуправа. Во тек се градежни зафати и врз регионалниот центар за стручно образование и обука „Ванчо Питошески“ и школскиот дом, а се обезбедени средства од Министерството за образование и наука.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top