Тинејџери спасиле новороденче оставено на -9 степени во Сибир

Пет тинејџери од Сибир на Божиќ во кутија нашле напуштено новороденче на минус 9 степени, кое било фрлено покрај прометниот пат во Новосибирск. Додека властите трагаат по родителите на девојчето, едно од семејствата на тинејџерите сака да го посвои бебето.

 |   | 

За време на православниот Божиќ во Новосибирск во малото селце Сосновка се случило вистинско чудо.

Пет момчиња нашле напуштено новородено бебе и успеале да го спасат пред тоа воопшто и да доживее какви било последици од температурите што тој ден се спуштиле и до минус 9 степени Целзиусови.

Како што пренесува „Космолскаја правда“, петте тинејџери излегле на прошетка вечерта на 7-ми јануари и се движеле на оддалеченост од еден километар надвор од селото кон автопатот.

Се шетавме и забележавме кутија оставена крај патот. Кога се доближивме, слушнавме цимолење. Прво мислевме дека се кученца во кутија – раскажува 16-годишниот Ренат Литвинов, кој бил меѓу тинејџерите што го нашле бебето.

Со блиц од мобилниот телефон тинејџерите ја осветлиле кутијата и биле вџашени од призорот што го виделе:

Имаше мало новородено девојче внатре. Лежеше како мала кукла. Немаше ниту облека на неа: само беше завиткана во крпа и веднаш до неа беше некое шише со некаква мешавина. Неколку секунди не знаевме што да направиме, каде да одиме – вели тој и раскажува како прво се обиделе да сопрат некој од автомобилите што биле на поминување, но откако не успеале, се јавиле на неговиот татко.

Јас и сопругата дојдовме веднаш, го земавме девојчето и отидовме во болница. Секако, сите беа шокирани со тоа што се случи. Докторите рекоа дека детето е добро. Излезе дека син ми и пријателите успеале да ја тргнат од патот пред да добие хипотермија – вели таткото на Ренат.

За среќа, како што соопштуваат руските медиуми бебето е во добра здравствена состојба и сè уште е во болница каде му се следи состојбата. Мајката на Ренат веќе го посетила девојчето.

Засега не се знае кои се родителите на девојчето и зошто го напуштиле на таков суров начин, но родителите на Ренат сакаат да го посвојат.

Според нивните информации, бебето не е од нивното село, а голема е веројатноста некој со автомобил да го оставил покрај автопатот.

Со Вашата регистрација, неделно ќе добивате е-порака со најважните информации од регионот.


© All rights reserved. Powered by YOOtheme.
Back to Top