Владејачката партија на Социјалистите претрпе тежок пораз на парламентарните избори.
Од друга страна блескава победа извојува опозициската партија ГЕРБ предводена од поранешниот градоначалник на Софија Бојко Борисов.
Партијата Граѓани за европски развој на Бугарија – ГЕРБ според проценките освоила меѓу 38 и 41 насто од гласови, додека Социјалистите на премиерот Сергеј Станишев се втора по јачина партија со освоени меѓу 17 и 18, 5 проценти.
Бојко Борисов го опиша исходот од вчерашното гласање, како огромен и срамен пораз за вледејачката партија, додавајќи дека новата влада ќе биде формирана што е можно побргу. Прашан дали тој ќе биде наредниот премиер на Бугарија, Борисов одговори дека секој друг одговор освен „да“ би значел дека тој не ја презема одговорноста во толку тешко време за Бугарија.
Излезните анкети направени од неколку агенции за истражување на јавното мислење говорат дека партијата на Борисов ќе освои меѓу 115 и 117 места во 240-члениот национален парламент, додека пак на Социјалистите би им припаднале меѓу 39 и 42 места.
Доколку излезните анкети бидат потврдени, тоа ќе значи дека за формирање влада како на ГЕРБ така и на Социјалистите ќе им биде потребен повеќе од еден коалициски партнер за формирање на влада. „Ќе сочекаме и ќе видиме какви се финалните резултати и распоредот на пратеничките места. Потоа ќе ги анализираме нашите опции“, истакна Борисов.
И Борисов и Станишев досега воопшто не сакаа да говорат за потенцијалните партнери во владата, меѓутоа и двајцата исклучија меѓусебно коалицирање. Исто така тие истакнаа дека нема да влезат во коалиција ниту со ултранационалистичката партија „Атака“, која на вчерашните избори освои меѓу 8 и 9 проценти од гласовите.
Најверојатниот партнер на ГЕРБ во идната влада т.н. Сина коалиција составена од две партии според излезните анкети освоила меѓу 7,5 и 8 проценти од гласовите. Партијата на турското малцинство во Бугарија, досегашен партнер во владата на Станишев, освоила меѓу 11 и 13 проценти од гласовите.
Излезноста на изборите изнесуваше 53 насто. Поради комплексноста на пребројувањето на гласовите, официјалните резултати се очекуваат во текот на денешниот ден. Набљудувачите стравуваат дека преговорите за формирање владина коалиција би можеле да се одолговлечат со месеци, што би значело недостаток на политичка акција во време кога се очекува економската криза најжестоко да ја погоди Бугарија.
Некои аналитичари предупредија дека Бугарија можеби ќе биде принудена да се сврти кон Меѓународниот монетарен фонд за помош за излез од кризата, со што би им се придружила на неколку соседни и земји во централна и источна Европа како Унгарија, Романија, Летонија и Србија.
{loadposition content9}
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град