Франција отвори истрага по наводите дека се шпионирани истражувачки новинари преку израелска програма за набљудување.
Истрагата во Франција опфаќа 10 обвиненија, меѓу нив и дали имало нарушување на личната приватност, дали имало измама за да се пристапи до лични електронски уреди и обвинение за злосторничко здружување, соопшти денеска Обвинителството во Париз.
Ден претходно веб-страницата „Медиапарт“ поднесе правна жалба, обвинувајќи дека двајца нивни репортери се шпионирани од тајните служби на Мароко кои користеле шпионски софтвер „Пегаз“ на израелската групација.
Мароканските власти ги отфрлаат таквите тврдења како неосновани и лажни. Извештаите дека производите на израелската фирма, кои се користат ширум светот, биле користени за следење на политички неистомисленици и новинари, наиде на осуда од политичари и медиумски групи.
Програмата „Пегаз“ ја користеле многу автократски режими, но и демократските влади за да ги хакираат мобилните телефони на новинари, функционери и активисти. Клиенти на израелскиот софтвер биле владите на Азербејџан, Бахреин, Унгарија, Индија, Индонезија, Казахстан, Мексико, Мароко, Руанда, Саудиска Арабија, Того и Обединетите Арапски Емирати.
Од израелската фирма негираат дека се вмешани во злосторство, образложувајќи дека нивниот софтвер е наменет за борба против криминалци и терористи и е достапен само на воени органи, оддели за спроведување на законот и разузнавачки агенции на земји кои имаат добри досиеја за почитување на човековите права.
На списокот со имиња на шпионирани има 189 новинари, повеќе од 600 политичари и владини службеници, најмалку 65 директори на компании, 85 активисти за човекови права и неколку шефови на држави, наведува „Вашингтон пост“.
Ти Си Твојот Град
Ти Си Твојот Град